Блогот Кинотека е неофицијално огледало на филмската програма на Кинотеката на Македонија и, понекогаш, на некои други филмски настани.

„Југозападно од Сонора“ (The Appaloosa), 2 и 3 мај (сабота и недела), 20ч.

Мет Флечер е ловец на бафала кој е постојано малтретиран и понижуван од главниот на една разбојничка банда. Кога разбојникот Медина ќе му го украде коњот, Мет тргнува да ги израмни сметките, но ја сретнува девојката на Медина, Трини, и се` се менува. По бруталните пресметки помеѓу него и Медина, Мет мора да се одлучи или за Трини или за својот сакан коњ.


Филмот е во режија на Сидни Флури и трае 98 минути.

Вечер на Бранко Гапо

Чествувањето на бардот на македонската кинематографија ќе ги опфати проекциите на документарниот филм „По пат одам, за пат прашам“ и на играниот филм „Време без војна“.
Проекциите ќе се одржат во Кинотеката на Македонија на 29 април (среда) со почеток во 19 часот.

Пред почетокот на филмот, на семејството на починатиот синеаст ќе му биде доделено признанието Златен објектив, кое Кинотеката секоја година им го доделува на автори кои дале исклучителен придонес кон македонската кинематографија.

Во чест на Бранко Гапо, во Кинотеката е поставена и изложба посветена на неговото творештво.

СФФ: Програма за 29 април (среда)

„Песочен часовник“ (Hourglass), 17ч.

Во фокусот на филмот се Андреас Сем, млад писател кој трага по своите корени, и неговите спомени за татко му кој исчезнал во виорот на Втората светска војна. Како што копа по лавиринтот на минатото, наместо одговори, наидува на се` повеќе прашања. Така, патувањето во минатото, кое започнува и завршува во минатото, станува каталог на чувствата, сомнежите, беспомошноста и бездомништвото на еден човек од средноисточна Европа кој е постојано меланхоличен и сака да припаѓа некаде или некому, иако живее меѓу различни култури и цивилизации каде честопати е во позиција на малцинство. „Песочниот часовник“ ја соочува публиката со паранојата од оживеаниот национализам и последиците од идеолошкото слепило. 

Филмот трае 104 минути.


„Време без војна“ (Time without war), 19ч.

Фидан е млад човек кој живее и работи во градот. Татко му Дичо е селанец кој се борел во војната и во револуцијата, а кој по војната ја застапува идејата за колективизација и индустријализација на селото. Иксрено верувајќи и работејќи на тоа, Дичо се судрува со повеќето од селаните, но најжестоко се конфронтира со својот најдобар пријател, соборец и побратим Лазар. По пропаѓањето на задругарството, Дичо заминува од селото. Кога ќе почине, Фидан му ја исполнува желбата и го закопува во родното село. Додека е таму, Фидан се обидува да се најде себеси и да се снајде во новата средина, со новиот ангажман во сточарството кој е за него голем предизвк, како и во контактите со новите луѓе. Тука и се заљубува во девојката Благуна, ќерка на Лазар, која наскоро станува негова жена. Полетен, Фидан се занимава со одлгедувањето на овците, иако соселаните го гледаат со недоверба. Законите на пазарот се немилосрдни и во тамошните услови, тој не успева да ја реализира својата замисла. Така, тој се враќа во татковото огниште, но не го наоѓа посакуваниот мир.

Филмот е во режија на Бранко Гапо и трае 80 минути.    

„Плати и жени“ (Cash and Marry), 21ч.

Млади луѓе од Балканот заминуваат во Австрија со студентски визи. Наместо да се вратат дома каде ги чека неизвесната иднина на транзициските земји, овие мажи плаќаат од 7.000 до 12.000 евра за австриски „сопруги“, со надеж дека така ќе добијат австриско државјанство. Токму ова го прави и самиот режисер - заминува за Виена и го документира целиот процес. Ќе се обиде да дознае зошто луѓето го прават ова, ќе ги претстави своите причини, ќе си најде „жена“ и ќе организира лажна венчавка.


Филмот е во режија е на Атанас Георгиев и трае 70 минути.

СФФ: Програма за 28 април (вторник)

„Пица во Аушвиц“ (Pizza in Auschwitz), 17ч.

Дени Ханоч го преживеал холокаустот. Како што тој самиот вели, има диплома, но не од некој факултет, туку од Аушвиц. Овој импресивен човек кој никогаш не плаче, ги посетувал логорите на смртта во Полска со сите можни делегации, но не успеал во една работа - да ги убеди своите деца, Мири и Саги, да ги посетат пределите на неговото изгубено детство. Најпосле, сепак, тој, децата и филмската екипа со комбе ја посетуваат „онаа“ Европа во која Дени морал да „логорува“.


Филмот е во режија на Моше Зимерман и трае 52 минути.

„На изгрејсонце“ (At Daybreak), 18ч.

Филмот е сместен во 1992 година во планинарски дом, непосредно по распадот на комунизмот. Новото време носи и нови љубови, соголени од секаков идеализам, диви, афектни, целосно контрастни на едноставниот и мирен живот на домарот.

Главните улоги ги толкуваат Петар Арсовски, Јордан Симонов, Марија Бејкова и Лиле Георгиева.Филмот се снимаше 6 дена на планинарскиот дом "Караџица". Монтажата се заврши во Скопје, а постпродукцијата во Прага, Република Чешка.

Сценариото, продукцијата и режијата се на Ѓорче Ставрески. Филмот трае 15минути.

„Глад“ (Hunger), 19ч.

Виртуозното филмско деби на познатиот британски визуелен уметник Стив Мекквин „Глад“ ги проследува последните шест недели од животот на ирскиот штрајкувач со глад Боби Сендс. Со беспрекорна контрола врз сликата, звукот, темпото и модусот, режисерот слика еден прецизен и разурнувачи портрет на начинот на кој се генерира политичкото насилство, а посебно на ефектите што тоа ги има врз обичниот човек. Во 1981 година, конфликтот во Северна Ирска е една смртоносно сериозна битка. Преку низа благородни сцени, „Глад“ го етаблира контекстот на смртоносните напади на Ирската републиканска партија (ИРА) од една страна, и на безмилосната репресија на владата на Маргарет Тачер од друга страна. Сендс и неговите другари затвореници протестираат така што одбиваат да се бањаат и да ги носат затворските униформи, а се` што бараат е да бидат третирани како политички затвореници. Конфликтот ескалира, затворениците се претепани и како што незадоволството се шири надвор од ќелиите, ниту еден стражар не е повеќе сигурен.

Филмот трае 96 минути.

„Сесијата во Палермо“ (Palermo shooting), 21ч.

Докажаниот режисер Вим Вендерс ни ја раскажува приказната за Фин, меѓународно признат фотограф чии фотографии се појавуваат во музеите и списанијата низ целиот свет. Тој е развратник, рок-ѕвезда во уметничкиот свет. На една сесија во Палермо, тој искусува надреално патување низ пеколот. И како што животот му се испреплетува со уметноста, тој ја сретнува мистериозната и преубава Флавија.


Филмот трае 107 минути.

„Валцер со Башир“ (Waltz with Bashir), 23ч.

На минатогодишниот Кански фестивал, специфичниот анимиран документарец на Ари Фолман „Валцер со Башир“ допре една табу тема која никогаш порано не била третирана во израелските медиуми. Филмската хроника го анализира очигледното соучество на Израелците во масакрот од јуни 1982 година, кога либански фалангисти масакрираа околу 3000 палестински цивили во Сабра и Шатила, двата кампа за бегалци во Бејрут. Овој неверојатен филм го екранизира личното искуство на режисерот и претставува прв анимиран документарец. Контроверзната тема и замената на реалните интервјуа со анимирани секвенци го прават овој филм совршен.


 Филмот е во режија на Јони Гудман и трае 87 минути.

СФФ: Програма за 27 април (понеделник)

„Кој се плаши од Кети Акер“ (Who's afraid of Kathy Acker), 15ч.

„Сакам врски и месо“ изјави панк-иконата и некогашната сексуална работничка Кети Акер кога ја прашаа за сајберсексот. Кети Акер беше контрадикторна фигура, препознатлива по фризурата и пирсинзите или според „Њујорк Тајмс“, писателка-одметничка.


Филмот е во режија на Барбара Каспар и трае 76 минути.

„Несвесно“ (Involuntary), 17ч. 

Филмот претставува серија на приказни за различните влијанија на моќта на групата врз поединецот. На прв поглед хумористична и симпатична, секоја ситуација отвора дискусија за вредноста на туѓото мислење. Човек кој е повреден на сопствената забава, продолжува со славење за да не им ја расипе забавата на другите; група тинејџерки се смешкаат и флертуваат, туркајќи се меѓусебно се` подлабоко во сексуалните игри; учителка спроведува психолошки експеримент врз учениците за да ја илустрира моќта на притисокот внатре во групата; на една пијанка, еден млад човек ја тестира спремноста на другарите да му наштетат на еден од нив.


Филмот е во режија на Рубен Остлунд и трае 98 минути.

„Прочитај, па запали“ (Burn after reading), 19ч.

Аналитичарот Кокс Озборн пристигнува на тајниот состанок во седиштето на ЦИА во Арлингтон. За жал, тој набрзо ја открива тајната - добива отказ. Кокс не ја прифаќа веста најдобро и се враќа во родниот Џорџтаун каде се занимава со пишување мемоари и пиење. Жена му Кејти е незадоволна, но не и изненадена. Таа има афера со Хари Фафер, оженет федерален шериф, и крои планови како да го остави Кокс. Во предградијата на Вашингтон, Линда Лицке одвај може да се сконцентрира на работата. Таа сонува за интензивна козметичка операција и му се доверува на еден колега.


Филмот е во режија на браќата Коен и трае 96 минути. 

„Посетата на бендот“ (The Band's visit), 21ч.

Станува збор за нискобуџетен филм со многу душа во себе. Премисата е едноставна, но ликовите се комплексни. Филмот ја раскажува приказната за еден египетски бенд од Александрија, составен од полицајци, кој е поканет да одржи концерт во Израел, но на патот дотаму, се губи во погрешен град.


Филмот е во режија на Еран Колирин и трае 89 минути.

„Тапанарот“ (The Drummer), 23ч.

Младиот бунтовник Сид е тапанар во еден рок бенд и е во врска со жена, чија неверност ја открива нејзиниот моќен маж. Бесен, мажот наредува да му се исечат двете раце на младиот тапанар. Квин, таткото на Сид, е брутален шеф на јапонска банда и го испраќа синот да се крие во планините. Таму Сид среќава група Зен перкусионисти и им се придружува. Втурнат во тој нов свет, постепено учи и станува посамоуверен  посконцентриран. И тогаш животот му отвора една дилема: дали да му остане лојален на своето семејство или себеси?


Филмот е во режија на Кенет Би и трае 119 минути.
 
Кинотека. Design by Wpthemedesigner. Converted To Blogger Template By Anshul Tested by Blogger Templates.