„Пица во Аушвиц“ (Pizza in Auschwitz), 17ч.
Дени Ханоч го преживеал холокаустот. Како што тој самиот вели, има диплома, но не од некој факултет, туку од Аушвиц. Овој импресивен човек кој никогаш не плаче, ги посетувал логорите на смртта во Полска со сите можни делегации, но не успеал во една работа - да ги убеди своите деца, Мири и Саги, да ги посетат пределите на неговото изгубено детство. Најпосле, сепак, тој, децата и филмската екипа со комбе ја посетуваат „онаа“ Европа во која Дени морал да „логорува“.
Филмот е во режија на Моше Зимерман и трае 52 минути.
„На изгрејсонце“ (At Daybreak), 18ч.
Филмот е сместен во 1992 година во планинарски дом, непосредно по распадот на комунизмот. Новото време носи и нови љубови, соголени од секаков идеализам, диви, афектни, целосно контрастни на едноставниот и мирен живот на домарот.
Главните улоги ги толкуваат Петар Арсовски, Јордан Симонов, Марија Бејкова и Лиле Георгиева.Филмот се снимаше 6 дена на планинарскиот дом "Караџица". Монтажата се заврши во Скопје, а постпродукцијата во Прага, Република Чешка.
Сценариото, продукцијата и режијата се на Ѓорче Ставрески. Филмот трае 15минути.
„Глад“ (Hunger), 19ч.
Виртуозното филмско деби на познатиот британски визуелен уметник Стив Мекквин „Глад“ ги проследува последните шест недели од животот на ирскиот штрајкувач со глад Боби Сендс. Со беспрекорна контрола врз сликата, звукот, темпото и модусот, режисерот слика еден прецизен и разурнувачи портрет на начинот на кој се генерира политичкото насилство, а посебно на ефектите што тоа ги има врз обичниот човек. Во 1981 година, конфликтот во Северна Ирска е една смртоносно сериозна битка. Преку низа благородни сцени, „Глад“ го етаблира контекстот на смртоносните напади на Ирската републиканска партија (ИРА) од една страна, и на безмилосната репресија на владата на Маргарет Тачер од друга страна. Сендс и неговите другари затвореници протестираат така што одбиваат да се бањаат и да ги носат затворските униформи, а се` што бараат е да бидат третирани како политички затвореници. Конфликтот ескалира, затворениците се претепани и како што незадоволството се шири надвор од ќелиите, ниту еден стражар не е повеќе сигурен.
Филмот трае 96 минути.
„Сесијата во Палермо“ (Palermo shooting), 21ч.
Докажаниот режисер Вим Вендерс ни ја раскажува приказната за Фин, меѓународно признат фотограф чии фотографии се појавуваат во музеите и списанијата низ целиот свет. Тој е развратник, рок-ѕвезда во уметничкиот свет. На една сесија во Палермо, тој искусува надреално патување низ пеколот. И како што животот му се испреплетува со уметноста, тој ја сретнува мистериозната и преубава Флавија.
Филмот трае 107 минути.
„Валцер со Башир“ (Waltz with Bashir), 23ч.
На минатогодишниот Кански фестивал, специфичниот анимиран документарец на Ари Фолман „Валцер со Башир“ допре една табу тема која никогаш порано не била третирана во израелските медиуми. Филмската хроника го анализира очигледното соучество на Израелците во масакрот од јуни 1982 година, кога либански фалангисти масакрираа околу 3000 палестински цивили во Сабра и Шатила, двата кампа за бегалци во Бејрут. Овој неверојатен филм го екранизира личното искуство на режисерот и претставува прв анимиран документарец. Контроверзната тема и замената на реалните интервјуа со анимирани секвенци го прават овој филм совршен.
Филмот е во режија на Јони Гудман и трае 87 минути.




0 comments:
Post a Comment