„Собирачи на пердуви“ е еден од атипичните претставници на српскиот (југословенскиот) црн бран – одредени филмски критичари овој филм го сметаат за еден од најзначајните филмови на српскиот (југословенскиот) црн бран, додека пак други критичари сметаат дека овој филм воопшто не и` припаѓа на конкретната поетика на црниот бран. Но и едните и другите се согласуваат дека тоа е еден од најзначајните филмови на некогашната југословенска кинематографија, а во 1983 година, критиката го прогласи за најдобар југословенски филм на сите времиња. Потврда за неговиот квалитет се и бројните награди: Гран при за режија на Филмскиот фестивал во Кан, каде е номиниран и за Златна палма, а ја доби и наградата на критиката – Фипресци, номинации за Оскар и за Златен глобус за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје и Златна арена за најдобра машка улога на Филмскиот фестивал во Пула. Филмот е социјална драма во која се третираат и меѓуетничките односи. Неговата приказна се плете околу рустикалниот начин на живот на рамничарските Роми, трговци со гускини пердуви, населени во едно село на северот на Војводина. Тие го живеат животот според сопствените скитачки закони, со своите копнежи и страсти и љубовта за која се убива. Освен актерите кои ги толкуваат главните ролји, сите други улоги ги толкуваат натуршчици, а филмот е препознатлив и по исклучителната фотографија на Томислав Пинтер и по ромските песни извонредно интерпретирани од Оливера Вучо(Катарина).
игран филм/ црно-бел/ 35 мм
Режија: Александар Саша Петровиќ
Сценарио: Александар Саша Петровиќ
Директор на фотографија: Томислав Пинтер
Улоги: Беким Фехмиу, Гордана Јовановиќ, Мија Алексиќ, Оливера Вучо – Катарина, Велимир Бата Живоиновиќ
Кратка биографија за режисерот:
Александар Саша Петровиќ (1929, Париз – 1994, Париз) е прочуен филмски и театарски режисер, сценарист, филмски теоретичар, критичар, писател и композитор на филмска музика. Во 1947-48 година, студира филмска режија на ФАМУ во Прага. Во 1955 година во Белград дипломира историја на уметност, по што станува едно од најпочитуваните филмски пера во тогашна Југославија. Во 60-тите години веќе важи за еден од водечките режисери во Европа. Покрај неколкуте документарни филмови, автор е на играните филмови „Единствен излез“ (1958 год.), „Двајца“ (1961 год.), „Денови“ (1963 год.) и на значајните остварувања за српската и светската кинематографија „Три“ (1965 година, според раскази на Антоние Исаковиќ, номинација за Оскар), „Собирачи на пердуви“ (1967 година, Гран при и Фипресци во Кан, Златна арена во Пула и номинација за Оскар), „Наскоро ќе пропадне светот“ (1968 година, инспириран од романот „Демони“ на Ф. М. Достоевски, Голема бронзена арена во Пула), „Мајсторот и Маргарита“ (1972 година, според романот на Михаил Булгаков, Златен лав во Венеција, Сребрен Хуго во Чикаго, Голема златна арена во Пула), „Групен портрет со дама“ (1977 година, германско-француска копродукција според романот на Хајнрих Бел) и „Селидби“ (1994 година, според романот на Милош Црњански). Во периодиката објавувал стотици теориски текстови, критики и есеи за филмот, а автор е и на книгите „Новиот филм I: 1950-1965“ (1971 год.) и „Новиот филм II: Црниот филм 1965-1970“ (1983 год.). Најзначајни литературни остварувања му се книгите „Летување“, „Изгубени во времето“, печатеното филмско сценарио „Собирачи на пердуви“ (1993 год.) и „Сите мои љубови – Слепи перископи“ (1995 год.). Антикомунистичките ставови и поддршката на контроверзниот филм „Пластичниот Исус“ (1971 год.), на неговиот студент Лазар Стојановиќ, се причините поради кои во 1973 година ќе биде избркан од професорското место на Академијата за театар, филм и телевизија во Белград. Во 1989 година е еден од основачите на Демократската партија, првата опозициска антикомунистичка партија во Србија.

0 comments:
Post a Comment