„Будење на стаорците“ е социјална драма во која се следи неуспешниот обид на еден осаменик да го измени својот сив и бесмислен живот. Обидувајќи се да најде работа и некако да стигне до пари, тој се вљубува во непозната девојка, за која ќе поверува дека ќе му биде пресвртница во животот. И токму тогаш, кога неговата илузија за среќа ќе го достигне врвот, девојката кришум заминува од неговиот живот, понесувајќи ги со себе и позајмените пари...
Филмот не е снимен во државна продукција, туку во продукција на независната компанија „Филмски работни заедници“ од Белград. Награден е со Златна арена на Филмскиот фестивал во Пула и со Сребрена мечка за режија на Филмскиот фестивал во Берлин.
„Буђење пацова“/ 79 минути/ 1967 година
игран филм/ црно-бел/ 35 мм
Режија: Живоин Жика Павловиќ
Сценарио: Гордан Михиќ, Љубиша Козомара
Директор на фотографија: Милорад Јакшиќ-Фанџо
Улоги: Аленка Ранчиќ, Душан Тадиќ, Душица Жегарац, Гизела Вуковиќ, Љилјана Јовановиќ
Кратка биографија за режисерот:
Живоин Жика Павловиќ (1933-1998) е писател, режисер, сценарист, филмски есеист и сликар. Дипломирал декоративно сликарство на Академијата за применета уметност во Белград, а уште од студентските денови пишувал за филмот во разни белградски весници и списанија. По првиот, аматерски филм „Љуба Поповиќ“ (1958 год.), го снима првиот професионален филм „Живи води“, од коавторскиот омнибус „Капки, води, војници“ (1962 год.), за кој ја добива Специјалната награда на жирито на Филмскиот фестивал во Пула. Потоа следуваат филмовите: „Непријатели“ (1965 година, Златна маска во Картагина), „Враќање“ (1966 год.), „Будење на стаорците“ (1967 година, Сребрена мечка во Берлин и Златна арена во Пула), „Кога ќе бидам мртов и бел“ (1967 година, Прва награда за најдобар филм во Карлови Вари, Златна арена во Пула, Златен медал во Авелино), „Заседа“ (1969 година, Златен лав во Венеција), „Црвени класови“ (1970 година, Златна повелба за сценарио според книжевно дело во Берлин), „Хајка“ (1977 година, Голема златна арена во Пула), „Мирис на телото“ (1983 година, Голема златна арена во Пула), „На патот за Катанга“ (1987 година, Златен гладијатор), „Дезертер“ (1992 година, Златна маслинка во Бастија, Корзика) и постхумно финализираниот „Држава на мртвите“ (2002 година). Пред да падне во немилост на властите, работи и како професор на Академијата за театар, филм и телевизија во Белград. Автор е на 32 книги, а негови најзначајни литературни дела се: збирките раскази „Кривата река“ (1963 год.), „Цигански гробишта“ (1972 год.), „Азбука“ (1990 год.) и други; романите „Кукли“ (1965 год.), „Каин и Авел“ (1969 год.), „Ѕидот на смртта“ (1985 год.), „Лапот“ (1992 год.) и други; дневникот „Плунка полна крв“ (1990 год.); збирките есеи „За одвратното“ (1972 год.) и „Балкански џез“ (1989 год.), како и двете книги за филмот: „Филмот во училишните клупи“ (1964 год.) и „Ѓаволскиот филм“ (1969 год.).

0 comments:
Post a Comment