Во периодот од 25 до 30 ноември, Кинотеката на Македонија во соработка со Амбасадата на Кралството Норвешка ќе ја одбележи 150-годишнината од раѓањето на нобеловецот Кнут Хамсон. По тој повод, ќе бидат прикажани шест филмови, односно пет, кои се реализирани според литературните дела на овој истакнат норвешки писател, а еден од филмовите е филмувана биографија на овој контроверзен автор. Филмовите се реализирани во различен временски период, така што имаме еден филм од немиот период (се работи за филмот „Растење на земјата“ од 1921 година, снимен според новелата за која Хамсун ја добил Нобеловата награда), па „Глад“ од 1966 година и современи филмови од мината и оваа деценија.
Овој циклус ќе започне со промоција на книгата „Глад“ (25 ноември, 19.00 часот), која е дел од проектот „Нобеловци“ на Министерството за култура на РМ, а со пригодни обраќања ќе истапат министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и амбасадорот на Норвешка во Македонија Н.Е. Кјетил Паулсен, по што ќе следува проекцијата на истоимениот филм.
Филмовите се со превод на македонски и англиски јазик.
Филмската програма ќе биде прикажана и во Центарот за балканска соработка „Лоја“ во Тетово (11-16.12.2009), во НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп (21-27.12.2009), како и во Струмица во соработка со Тивериополската филмска алијанса.
КНУТ ХАМСУН (куса биографија)
Хамсун е роден како Кнут Педерсен во Лом (централна Норвешка) во 1859 година, како четврто од седум деца. Тоа било време кога Норвешка на големо се индустријализирала и многумина коишто повеќе не можеле да живеат од обработување земја, масовно се селеле во големите градови или емигрирале во Америка. Делејќи ја истата судбина со повеќето осиромашени земјоделци, семејството Педерсен се сели на крајниот север на Норвешка, во селото Хамсунд во Хамарој, на имотот на вујкото на Кнут. Оваа магична земја, околу 300 км под арктичкиот круг, земја на големи сезонски разлики, бескрајни летни ноќи и огнени зимски неба, планини издлабени со глечери и величествени фјордови, ја буди кај него љубовта кон природата, љубов која била подеднаква, ако не и поголема, од неговата преокупација со човековата потсвест. По првите неколку скромни, сиромашни, но среќни години минати на фармата, вујкото на Кнут почнува да бара паричен надомест за престојот на семејството на неговото земјиште. Во недостаток на пари, семејството го испраќа токму Кнут за негов помошник, и овие години минати во служба кај вујко си, Хамсун ќе ги опише како години исполнети со насилство, малтретирање, понижување, без трошка радост. Тоа се години во кои единствениот излез ќе го бара во себе, во својот внатрешен свет и во скромната библиотека на вујкото, која инаку му овозможила на момчето да се зближи со книгите и да стекне минимално образование. Неговата посветеност на дескриптивната моќ на зборовите подоцна ќе прерасне во опсесија. По пет години измачување, Кнут се сели кај семејството на својот кум, во Лом, и во следните години додека менувал неколку професии – службеник, чирак на кондураџија, учител – ги направил своите први литературни обиди. Тоа биле не многу впечатливи љубовни раскази и поезија коишто успеал да ги објави под името Кнут Педерсен Хамсунд, според норвешкиот обичај нечие место на потекло да се додаде како дел од сопственото име. Овие први негови дела, за жал, не се сочувани. Во 1879 година, Хамсун се дрзнува на еден несекојдневен чин. Имено, упатува едно формално барање до локалниот богаташ Еразмус Зал, барајќи заем од 1.600 круни, во име на „уметноста и прогресот“, односно за пат до Копенхаген каде што наводно треба да договори објавување на својата збирка поезија. Сумата што ја побарал била речиси трипати поголема од годишниот приход на младиот писател и до ден-денешен останува нејасно зошто. Зал се согласил да му го одобри тој заем. Откако ги добил парите, Хамсун не заминал за Данска, туку се вдомил во едно село крај брегот и следните три години ги поминал во пишување. Потоа успеал да позајми уште 400 круни од Зал, и најпосле тргнал за Копенхаген. Космополитскиот Копенхаген секако дека оставил впечаток на Хамсун, но ракописот му бил одбиен за печатење, па тој очаен се вратил во Осло за да побара совет и поддршка од познатиот писател Бјорнсон. Но, овој му предложил да се откаже од пишување и да се занимава со актерство. Следните десетина година Хамсун патувал, издржувајќи се со физичка работа, а во 1882 година го реализирал и своето прво патување за Америка. Додека работел на една фарма во Минесота, бил дијагностициран со туберколоза и решил да се врати назад во Норевшка. Заработил доволно пари да си купи бродски билет, но до Њујорк морал да отпатува, седејќи на покрив од воз и, по сè изгледа, таквата терапија дала резултати. По краток период на закрепнување, повторно се впуштил во книжевни авантури и физичко аргатување.
При втората посета на Америка работел како возач на трамвај, гладувал и се смрзнувал. Во една прилика морал да се обвиткува со весници под тенката облека за да се загрее на чикашкиот студ. Меѓутоа, оваа егзистенцијална агонија била проследена со ноќи трескавично поминати над хартија, во обид да најде форма поинаква од сите дотогашни автори. Тој по секоја цена сакал неговото писмо, неговиот личен печат да се разликува од стилот на другите автори. Најпосле, во 1888 година, Хамсун доаѓа по втор пат во Копенхаген и се фокусира на пишувањето. Во делирично самоиспитување и речиси со спартанска дисциплина, тој успева да ја изделка својата проза во уметничко дело. Тогаш имал 29 години и бил на чекор до европскиот подем.
Паралелно работејќи на својот втор роман, „Мистерии“, Хамсун одржува низа јавни предавања на кои воинствено ги напаѓа усвоените и постојни, а ги наметнува своите естетски вредности. Никој не бил поштеден од неговата критика, ниту најпочитуваните пера како Шекспир, Платон и Данте, за кои вели дека се само „авторитети“ и дека нивната литература претставува само симбол и ништо повеќе. Дури и Ибзен, откако разбрал за овие озлогласени јавни беседи, се сместил во првиот ред на едно од предавањата во Осло. Но, тоа за Хамсун не преставувало препрека да ги раскринка уметничките претензии на Ибзен и безмилосно да го исмее.
До 1894 година делата на Хамсун се веќе преведени на германски и на руски, а деновите на гладување и страдање се далеку зад него. Добро се оженил, со ќерка на богат советник за изградба на пароброди, оттаму љубовта како тема доминира во неговиот следен, комерцијално најуспешен роман „Викторија“.
Но, како и во неговата книга, така и неговиот брак прераснал во целосно отуѓување на помеѓу него и сопругата, и се распаѓа по шест години.
Популарноста на романот во Русија, во периодот помеѓу 1907 и 1910 година, резултирала со објавување на Хамсуновите собрани дела од страна на три различни издавачки куќи.
Во летото 1909 година, Хамсун купува фарма во Хамарој, во близина на местото каде што го минал детството, тука се населува со својата нова сопруга и деновите ги минува во пишување и водење на имотот. Вака изолиран од случувањата во светот, тој неколку години го пишува „Буење на почвата“, романот кој во 1920 година ќе му ја донесе Нобеловата награда за литература. Хамсун со пиетет се врзал за земјата што го прифатила, почитувала и величала неговото творештво и ја сметал за водечка нација во скандинавскиот регион. Затоа појавата и подемот на Хитлер во Германија тој ги дочекува со воодушевување, сметајќи дека тоа е можност земјите од северот да си го повратат достоинството. Неговите написи во норвешките весници, во кои ја поттикнува младината да ја прифати окупацијата без спротивставување и крвопролевање, како и неговите отворени симпатии кон Партијата за обединување на Квинслинг, по војната го носат пред суд.
Во текот на својот бурен талкачки живот, Кнут Хамсун постојано пишувал и објавувал – есеи, збирки поезија, драми („На портата на кралството“, „Играта на животот“, „Кралицата Тамара“ и др.), кратки раскази, написи во весници, романи, предавања. Неговиот творечки опус е огромен и претставува вечна инспирација не само за љубителите на неговото дело, туку и за историчарите и проучувачите на книжевност.

0 comments:
Post a Comment