Блогот Кинотека е неофицијално огледало на филмската програма на Кинотеката на Македонија и, понекогаш, на некои други филмски настани.

„Чавки“, 19 ноември (четврток), 20 часот

„Чавки“ е социјална драма чие дејствие се случува во периодот на 50-тите години во Србија и во неа е опишан животот на еден остарен боксер, Ѓука, кој, за да преживее, мора да се занимава со сомнителни работи поврзани со исто толку сомнителни луѓе. Зима е и луѓето почнуваат да се однесуваат како чавки: ограбуваат и крадат. Кога неговата девојка е убиена на една свадба, за да се ослободи од насилничкиот начин на живот од кој му е смачено, Ѓука се враќа во трошната куќичка во своето родно село, далеку од градот...
Филмот никогаш не бил прикажан во тогашна Југославија, но учествувал на 11 светски фестивали, а добил и награда на Филмскиот фестивал во Таормина, Сицилија.



„Вране“/ 76 минути/ 1969 година
игран филм/ црно-бел/ 35 мм

Режија: Љубиша Козомара, Гордан Михиќ
Сценарио: Љубиша Козомара, Гордан Михиќ
Директор на фотографија: Јержи Војчик
Улоги: Слободан Перовиќ, Милан Јелиќ, Јелисавета Сека Саблиќ, Ана Матиќ, Иван Ѓурѓевиќ


Кратка биографија за режисерите:
Љубиша Козомара (1934-1984) е прочуен српски сценарист, а филмот „Чавки“ е неговото единствено дело каде е потпишан и како режисер. Како авторски тандем, заедно со Гордан Михиќ, со кого еден период се колеги во новинарството во дневниот весник „Борба“, автор е на сценаријата за филмовите: „Свирка во осум“ (1962 год.), „Да се дојде и да се остане“ (1965 год.), „Време на љубовта“ (1966 год.), „Топли години“ (1966 год.), „Кога ќе бидам мртов и бел“ (1967 год.), „Будење на стаорците“ (1967 год.), „Кутрата Марија“ (1968 год.), „Чавки“ (1969 год.) и „Буба-шинтер“ (1971 год.). Самостојно, Козомара е автор на сценаријата за тв-сериите: „Левучари“ (1971 год.), „Големиот пронаоѓач“ (1973 год.), „Бабиното внуче“ (1976 год.)„Сијамци“ (1982 година).

Гордан Михиќ (1938 година), исто така, е пред сè познат како сценарист. Тој е првиот професионален сценарист во поранешна Југославија и е еден од најплодните сценаристи во српската кинематографија. Имено, напишал над 40 сценарија за играни филмови и исто толку за тв-филмови и серии, како и неколку драмски текстови. Покрај сценаријата напишани во коавторство со Козомара на почетокот на кариерата, самостојно е автор на сценаријата за филмовите: „И Господ ја создаде кафенската пејачка“ (1972 год.), „Чувар на плажата во зимскиот период“ (1976 год.), „Песот што ги сакаше возовите“ (1976 год.), „Освојување на слободата“ (1979 год.), „Лажливо лето ’68“ (1984 год.), „Среќна Нова ’49“ (1986 год.), „Дом за бесење“ (1988 год.), „Танго Аргентино“ (1992 год.), „Црна мачка, бел мачор“ (1998 год.), „Контакт“ (2005 год.), „Апсурдистан“ (2008 год.) и многу други, како и на сценаријата за тв-серијалите: „Самци“ (1969 год.), „Камионџии“ (1973-1984), „Враќањето на отпишаните“ (1976 год.), „Балкан-Експрес“ (1983-1989-2009), „Сивиот дом“ (1986 год.) и многу други. Покрај „Чавки“, ги режирал и филмовите „Среќно семејство“ (1979 год.) и „Балкон на покривот“ (1995 год.) и неколку тв-филмови и серии.

0 comments:

 
Кинотека. Design by Wpthemedesigner. Converted To Blogger Template By Anshul Tested by Blogger Templates.