Блогот Кинотека е неофицијално огледало на филмската програма на Кинотеката на Македонија и, понекогаш, на некои други филмски настани.

„Утро“, 18 ноември (среда), 20 часот

„Утро“ е повоена драма која ги портретира луѓето со длабоки рани здобиени за време на војната. Минувајќи низ различни судири во првите повоени денови на мирот, во кои новата власт се пресметува со соработниците на окупаторот, а предавниците се стрелаат, партизанскиот поручник Смоки открива дека ни мирот не може да помине без убивање. Војната продолжува и кога е мир – тој сега се бори со себеси и со луѓето од неговото најблиско окружување...
Во 1996 година, членовите на Југословенскиот одбор на Академијата за филм, уметност и наука, го изгласаа филмот „Утро“ за шести по ред најдобар српски филм во периодот од 1947 до 1995 година.

„Јутро“/ 95 минути/ 1967 година
игран филм/ црно-бел/ 35 мм.

Режија: Младомир Пуриша Ѓорѓевиќ
Сценарио: Младомир Пуриша Ѓорѓевиќ
Директор на фотографија: Михајло Поповиќ
Улоги: Љубиша Самарџиќ, Неда Арнериќ, Милена Дравиќ, Мија Алексиќ, Љуба Тадиќ


Кратка биографија за режисерот:
Младомир Пуриша Ѓорѓевиќ (1924 год.), режисер, сценарист, писател, продуцент, актер и костимограф, е највозрасниот активен српски филмски уметник. Со филм почнал да се занимава во 1946 година и до сега има снимено повеќе од 50 документарни и 20 играни филмови, меѓу кои најзначајни се: „Општинско дете“ (1953 год.), „Две зрна грозје“ (1955 год.), „Првиот граѓанин во паланката“ (1961 год.), „Летото е виновно за се`“ (1961 год.), „Cross Country“ (1969 год.), „Дожд“ (1972 год.), „Тренер“ (1978 год.), „Осум кила среќа“ (1980 год.), „Скерцо“ (1994 год.), „Тангото е тажна мисла која се танцува“ (1997 год.), „Двајца“ (2007 година) и други. Неговите филмски ликови секогаш се повеќеслојни, полифони, никогаш еднодимензионални, а неговите филмови, особено оние од прочуената тетралогија посветена на војната и револуцијата: „Девојка“ (1965 год.), „Сон“ (1966 год.), „Утро“ (1967 год.) и „Пладне“ (1968 год.), во кои главните улоги ги толкуваат повеќе доајени на српското глумиште, претставуваат метафори сами за себе, метафори на еден оригинален авторски универзум, во кој се испреплетуваат крвавите глетки од српската историја и логиката на сонот. Покрај сценаријата за своите филмови, Пуриша Ѓорѓевиќ е автор и на повеќе филмски сценарија за други режисери, како и на книгите „Писма од паланката“ (1977 год.), „Лола Белград“ (1982 год.) и „Тажна е неделата“ (2004 год.).

0 comments:

 
Кинотека. Design by Wpthemedesigner. Converted To Blogger Template By Anshul Tested by Blogger Templates.