Блогот Кинотека е неофицијално огледало на филмската програма на Кинотеката на Македонија и, понекогаш, на некои други филмски настани.

„Љубовен случај или трагедијата на поштенската службеничка“ и „Парада“, 17 ноември (вторник), 20 часот

„Љубовен случај или трагедијата на поштенската службеничка“ е трагикомедија за љубовната драма на една промискуитетна млада операторка во телефонска централа и еден сериозен млад човек што се занимава со дератизација. Кога момчето ќе замине на службен пат, не можејќи да се соочи со осаменоста, службеничката почнува да му се додворува на својот колега. Кога нејзиното момче ќе се врати, започнува кавга со забременетата девојка и целата приказна завршува трагично, со убиство. Во оваа монтажа на приказни се вклучени сцена на водење љубов, рецепт за штрудла, фаќање стаорци и детален опис на женската жртва.

„Љубавни случај или трагедија службенице ПТТ“/ 77 минути/ 1967 година
игран филм/ црно-бел/ 35 мм.

Режија: Душан Макавеев
Сценарио: Душан Макавеев
Директор на фотографија: Александар Петковиќ
Улоги: Ева Балаш, Миодраг Андриќ, Ружица Сокиќ, Слободан Алигрудиќ
__________________________________________________________________________


„Парада“ е документарен филм за подготовките на првомајската парада, видена од „другата страна“, што на авторот подоцна ќе му предизвика проблеми со државната цензура.

„Парада“/ 11 минути/ 1962 година
документарен филм/ црно-бел/ 35 мм.

Режија: Душан Макавеев
Сценарио: Душан Макавеев


Кратка биографија за режисерот:
Душан Макавеев (1932 година) е режисер, сценарист, професор, критичар и есеист. Студирал психологија на Филозофскиот факултет во Белград и режија на Академијата за театар, филм, радио и телевизија во Белград. Професионалната кариера ја започнува со краткометражните филмови по сценаријата на Васко Попа, а потоа и со „Насмевка 61“ (1961 год.), „Долу со плотовите“ (1961 год.), „Парада“ (1962 год.) и многу други, од кои повеќето биле забранети заради експлицитните содржини. Документаристичкиот пристап и тенденцијата да вметнува груби сегменти од други филмови и во своите подолгометражни остварувања, остануваат негов заштитен знак во текот на целата кариера. Филмовите „Човекот не е птица“ (1965 год.), „Љубовниот случај или трагедијата на поштенската службеничка“ (1967 год.) и „Невиност без заштита“ (1968 год.), иако ги обелоденуваат неговите анархистички погледи на тогашното социјалистичко општество, постигнуваат успех кај тогашната критика. Но, по „Мистериите на организмот“ (1971 год.) тој мора да ја напушти земјата. „Сладок филм“ (1974 год.), „Мистер Монтенегро“ (1981 год.) и „Кока-Кола кид“ (1985 год.) ги работи во Канада, Шведска и Австралија, а со „Манифест“ (1988 год.) и „Горилата се капе напладне“ (1993 год.) повторно се враќа во Србија. Освоил голем број значајни меѓународни награди и домашни признанија за своето филмско творештво.

0 comments:

 
Кинотека. Design by Wpthemedesigner. Converted To Blogger Template By Anshul Tested by Blogger Templates.