Блогот Кинотека е неофицијално огледало на филмската програма на Кинотеката на Македонија и, понекогаш, на некои други филмски настани.

„Рани трудови“, 16 ноември (понеделник), 20 часот

„Рани трудови“ е филм за една девојка и три момчиња обземени со прашањето дали е можно секој да стане господар на сопствената судбина? Во почетокот наидуваат на публика, луѓе што внимателно ги сослушуваат, но потоа ги отфрлаат нивните идеи бидејќи се премногу радикални. Сфаќајки дека народот не ги прима нивните пораки, тие решаваат да страдаат заедно со него. Кога им здосадува, момчињата ја спасуваат девојката од маките со тоа што ја полеваат со бензин и таа исчезнува во пламенот... а останатите, најпосле среќни и исполнети, си продолжуваат да живеат. Во 1969 година, филмот ја добива Златната Мечка на Берлинскот филмски фествиал со следново објаснување: „...заради предизвикувачката конфронтација на идеологијата и реалноста, за случајната брилијантност со која ги хуманизира политичките апстракции и ја прави драмата модерна по својата форма и содржина...“. Филмот „Капитал“, базиран на истоименото дело на Маркс, е снимен во 1971 година како продолжение на „Рани трудови“, но никогаш не бил прикажуван.

„Рани радови“/ 87 минути/ 1969 година
игран филм/ црно-бел

Режија: Желимир Жилник
Сценарио: Желимир Жилник, Бранко Вучиќевиќ
Директор на фотографија: Карпо Аќимовиќ–Година
Улоги: Богдан Тирнаниќ, Чедомир Радовиќ, Марко Николиќ, Милја Вујановиќ, Слободан Алигрудиќ


Кратка биографија за режисерот:
Желимир Жилник (1942 год.) е режисер, сценарист, филмски критичар и уредник. Во студентските денови бил главен уредник на Трибината на младите и уредник на списанието „Поља“, а тогаш се занимавал и со филмска критика. Кариерата ја продолжува со проектите во Неопланта филм од Нови Сад, а потоа и со Телевизија Нови Сад. Уште кон крајот на шеесеттите години, заради своите визуелно експресивни филмови како критика на современото живеење добива бројни признанија, во Југославија и во странство (за документарниот филм „Невработен“, снимен во 1967 година, добива Гран при во Оберхаузен).
Во раните седумдесетти години е жестоко критикуван поради идеолошките ставови, а „Рани трудови“ и „Слобода или стрип“ (1972 год.) биле цензурирани и забранети. Одредено време работел на театарски продукции, а во осумдесеттите продолжува да снима играни филмови - „Втора генерација“ (1983 год.), „Убави жени минуваат низ градот“ (1986 год.), „Така се калеше челикот“ (1988 год.), „Мермерен задник“ (1995 год.), „Каде плови овој број“ (1999 год.) итн. Во 1994 година, со „Тито по втор пат меѓу Србите“, Жилник го отвора патот за видео и телевизиската продукција на тогаш најрадикалниот и најнезависен медиум во Белград – Б92. Документарците што следуваа потоа – „Тврдина Европа“ (2000 год.), „Кенеди се враќа дома“ (2003 год.) и неговото продолжение „Кенеди: изгубено и најдено“, како и „Европа во соседството“ (2005 година), ги портретираат судбините на обичните луѓе од централна и источна Европа и го разобличуваат системот на вредности произлезен од времето на транзицијата.

0 comments:

 
Кинотека. Design by Wpthemedesigner. Converted To Blogger Template By Anshul Tested by Blogger Templates.