Блогот Кинотека е неофицијално огледало на филмската програма на Кинотеката на Македонија и, понекогаш, на некои други филмски настани.

„Наскоро ќе пропадне светот“, 15 ноември (недела), 20 часот

„Наскоро ќе пропадне светот“ е филм чие сценарио е инспирирано од романот „Демони“ на Ф. М. Достоевски. Во оваа драма дејството се случува во едно село во Војводина. Кафеанџијата е скаран со свињарот и за да му се одмазди, заедно со другарите, го убедува полупијаниот свињар да се ожени за селската луда девојка. Во меѓувреме, во селото доаѓа млада учителка, во која свињарот ќе се вљуби. Мислејќи дека жена му му смета во остварувањето на новата љубов, тој ќе ја убие. Неговиот татко ја презема вината на себе, но по некое време, вистината ќе излезе на виделина...Филмот „Наскоро ќе пропадне светот“ е награден со „Голема бронзена арена“ на Филмскиот фестивал во Пула, а покрај извонредните актерски ролји, ќе остане запаметен и по одличниот избор и интерпретацијата на автентичната изворна ромска и српска (војводинска) музика.

„Биће скоро пропаст света“/ 83 минути/ 1969 година
игран филм, црно-бел, 35 мм, 83 мин.

Режија: Александар Саша Петровиќ
Сценарио: Александар Саша Петровиќ
Директор на фотографија: Ѓорѓе Николиќ
Улоги: Ани Жирардо, Иван Палух, Драгомир Бојаниќ–Гидра, Ева Балаш–Рас, Мија Алексиќ


Кратка биографија за режисерот:
Александар Саша Петровиќ (1929, Париз – 1994, Париз) е прочуен филмски и театарски режисер, сценарист, филмски теоретичар, критичар, писател и композитор на филмска музика. Во 1947-48 година, студира филмска режија на ФАМУ во Прага. Во 1955 година во Белград дипломира историја на уметност, по што станува едно од најпочитуваните филмски пера во тогашна Југославија. Во 60-тите години веќе важи за еден од водечките режисери во Европа. Покрај неколкуте документарни филмови, автор е на играните филмови „Единствен излез“ (1958 год.), „Двајца“ (1961 год.), „Денови“ (1963 год.) и на значајните остварувања за српската и светската кинематографија „Три“ (1965 година, според раскази на Антоние Исаковиќ, номинација за Оскар), „Собирачи на пердуви“ (1967 година, Гран при и Фипресци во Кан, Златна арена во Пула и номинација за Оскар), „Наскоро ќе пропадне светот“ (1968 година, инспириран од романот „Демони“ на Ф. М. Достоевски, Голема бронзена арена во Пула), „Мајсторот и Маргарита“ (1972 година, според романот на Михаил Булгаков, Златен лав во Венеција, Сребрен Хуго во Чикаго, Голема златна арена во Пула), „Групен портрет со дама“ (1977 година, германско-француска копродукција според романот на Хајнрих Бел) и „Селидби“ (1994 година, според романот на Милош Црњански). Во периодиката објавувал стотици теориски текстови, критики и есеи за филмот, а автор е и на книгите „Новиот филм I: 1950-1965“ (1971 год.) и „Новиот филм II: Црниот филм 1965-1970“ (1983 год.). Најзначајни литературни остварувања му се книгите „Летување“, „Изгубени во времето“, печатеното филмско сценарио „Собирачи на пердуви“ (1993 год.) и „Сите мои љубови – Слепи перископи“ (1995 год.). Антикомунистичките ставови и поддршката на контроверзниот филм „Пластичниот Исус“ (1971 год.), на неговиот студент Лазар Стојановиќ, се причините поради кои во 1973 година ќе биде избркан од професорското место на Академијата за театар, филм и телевизија во Белград. Во 1989 година е еден од основачите на Демократската партија, првата опозициска антикомунистичка партија во Србија.

0 comments:

 
Кинотека. Design by Wpthemedesigner. Converted To Blogger Template By Anshul Tested by Blogger Templates.