„Забранети без забрана“* е документарен филм кој произлегува од истоимената книга на Милан Никодиевиќ, посветена на епохата на југословенскиот црн бран, а подоцна прераснува и во тв-серија. Покрај интервјуата со најзначајните живи протагонисти од споменатиот период и тоа, Душан Макавеев, Гордан Михиќ, Слободан Шијан, Лазар Стојановиќ, Желимир Жилник, Пуриша Ѓорѓевиќ, Бата Ченгиќ, Бранко Вучичевиќ и други, радио и тв-интервјуата со починатите филмски уметници Саша Петровиќ, Жика Павловиќ, Кокан Ракоњац, во него се застапени и изјавите на многу филмски критичари и теоретичари, судии, сведоци и киноапаратери кои ги прикажувале филмовите пред партиските комисии. Така, публиката има можност да се запознае со каратеристиките на епохата, крајот на 60-тите и почетокот на 70-тите години на минатиот век, време во кое дејствува најталентираната генерација филмски творци во тогашна Југославија, генерација која подоцна на разни начини ќе го почувствува притисокот на власта. Многу од нивните филмови, некои наградувани во светот, и без официјална забрана ќе завршат во бункер, а тогашните партиски комесари задолжени за цензура, самите ќе му го дадат името на „црниот бран“, без сомнение, уметнички најсилниот период во развојот на филмот на просторите на некогашна Југославија.
„Забрањени без забране“/ 52 минути/ 2007 година
документарен филм/ колор/црно-бел/ DVD
Режија: Милан Никодиевиќ, Динко Туцаковиќ
Сценарио: Милан Никодиевиќ
Директор на фотографија: Горан Воларевиќ
Учествуваат: Душан Макавеев, Гордан Михиќ, Слободан Шијан, Лазар Стојановиќ, Желимир Жилник
Кратка биографија на режисерите:
Милан Никодиевиќ (1956 год.) е новинар, филмски критичар, член на српската секција на Меѓународната асоцијација на филмски критичари – Фипресци, директор на Фестивалот на филмско сценарио во Врњачка Бања, доцент на Академијата за уметност во Нови Сад и долгогодишен уредник во Радио Врњачка Бања. Дипломирал филмска и телевизиска продукција на Факултетот за драмски уметности во Белград. Во периодиката и на радио и на тв-програмите објавил стотици текстови на филмски теми, автор е неколку книги од областа на филмот, од кои, покрај книгата посветена на црниот бран „Забранети без забрана“ (1995 год.), најзначаен е филмскиот дневник во кој се испреплетуваат филмската есеистика, критика и пост-модерната проза „Од фајронт до зора“ (2007 год.). Документарниот филм и тв-серијата „Забранети без забрана“ се негово прво позначајно режисерско искуство.
Динко Туцаковиќ (1960 год.) е режисер, филмски теоретичар и критичар, член на српската секција на Меѓународната асоцијација на филмски критичари – Фипресци, управник на Музејот на Југословенската Кинотека во Белград и предавач по предметите филмска историја и филмска режија на Факултетот за драмски уметности во Белград. По дипломирањето филмска и тв-режија во Белград, објавил стотици критики, есеи и интервјуа за сите позначајни филмски списанија во поранешна Југославија, но и во странската периодика. Автор е на неколку книги за филмот: „Михајло Ал. Поповиќ – Со вера во Бога“ (коавтор, 1991 год.), „Тајниот живот на филмот“ (1993 год.), „Странци во рајот“ (1998 год.) и др. Бил селектор на повеќе филмски фестивали во Србија и член на жири на фестивалите во Виена, Кан, Манхајм, Берлин итн. Автор е на стотина тв-програми, триесетина спотови за српски рок групи, повеќе краткометражни и документарни филмови, како и на играниот филм „Шест дена во јуни“ (1985 година).
* Проекцијата на „Забранети без забрана“ е закажана за 18 часот.
________________________________________________________________________________
„Кога ќе бидам мртов и бел“** е еден од најдобрите филмови на режисерот Живоин Павловиќ, во кој неговиот натуралистички приод развиван во претходните филмови („Непријател“, „Враќање“) го достигнува својот врв. Станува збор за структурално епизодична, сликовита приказна за Џими Барка, конфузен млад човек без одредена цел во животот (освен да не работи и да води љубов со секоја жена што ќе ја сретне доколку му е барем малку привлечна). Филмот има ироничен пристап кон југословенската партизанска митологија, кон ЈНА, работничката класа – недопирливите, свети поими за југословенското социјалистичко општество. Уметнички и политички мошне храбар филм, спој на комедија, драма и трагедија на апсурди.
Во 1968 година, на Филмскиот фестивал во Пула, и филмот и режсерот се наградени со наградата „Златна арена“.
„Кад будем мртав и бео“/ 79 минути/ 1967 година
игран филм/ црно-бел/ 35 мм.
Режија: Живоин Жика Павловиќ
Сценарио: Драгољуб Ивков
Директор на фотографија: Милорад Јакшиќ-Фанѓо
Улоги: Дара Чалениќ, Драган Николиќ, Неда Спасоевиќ, Никола Милиќ, Ружица Сокиќ
Кратка биографија на режисерот:
Живоин Жика Павловиќ (1933-1998) е писател, режисер, сценарист, филмски есеист и сликар. Дипломирал декоративно сликарство на Академијата за применета уметност во Белград, а уште од студентските денови пишувал за филмот во разни белградски весници и списанија. По првиот, аматерски филм „Љуба Поповиќ“ (1958 год.), го снима првиот професионален филм „Живи води“, од коавторскиот омнибус „Капки, води, војници“ (1962 год.), за кој ја добива Специјалната награда на жирито на Филмскиот фестивал во Пула. Потоа следуваат филмовите: „Непријатели“ (1965 година, Златна маска во Картагина), „Враќање“ (1966 год.), „Будење на стаорците“ (1967 година, Сребрена мечка во Берлин и Златна арена во Пула), „Кога ќе бидам мртов и бел“ (1967 година, Прва награда за најдобар филм во Карлови Вари, Златна арена во Пула, Златен медал во Авелино), „Заседа“ (1969 година, Златен лав во Венеција), „Црвени класови“ (1970 година, Златна повелба за сценарио според книжевно дело во Берлин), „Хајка“ (1977 година, Голема златна арена во Пула), „Мирис на телото“ (1983 година, Голема златна арена во Пула), „На патот за Катанга“ (1987 година, Златен гладијатор), „Дезертер“ (1992 година, Златна маслинка во Бастија, Корзика) и постхумно финализираниот „Држава на мртвите“ (2002 година). Пред да падне во немилост на властите, работи и како професор на Академијата за театар, филм и телевизија во Белград. Автор е на 32 книги, а негови најзначајни литературни дела се: збирките раскази „Кривата река“ (1963 год.), „Цигански гробишта“ (1972 год.), „Азбука“ (1990 год.) и други; романите „Кукли“ (1965 год.), „Каин и Авел“ (1969 год.), „Ѕидот на смртта“ (1985 год.), „Лапот“ (1992 год.) и други; дневникот „Плунка полна крв“ (1990 год.); збирките есеи „За одвратното“ (1972 год.) и „Балкански џез“ (1989 год.), како и двете книги за филмот: „Филмот во училишните клупи“ (1964 год.) и „Ѓаволскиот филм“ (1969 год.).
** Проекцијата на „Кога ќе бидам мртов и бел“ е со почеток во 20 часот.

0 comments:
Post a Comment