Блогот Кинотека е неофицијално огледало на филмската програма на Кинотеката на Македонија и, понекогаш, на некои други филмски настани.

„Капки, води, војници“, 13 ноември (петок), 20ч.

„Капки, води, војници“ е дебитантски омнибус на тројцата млади режисери М. Бабац, В. К. Ракоњац и Ж. Павловиќ, сите членови на аматерскиот кино-клуб Београд. Секојдневните ситуации низ кои минуваат ликовите на сите три филмови не ја третираат човечката потреба за самоостварување преку доживување, туку се обидуваат однатре да ја соголат причината за отуѓувањето на луѓето од општествените случувања, за тоа што ги прави неспокојни и отсутни од реалноста. Иако омнибусот, како прво професионално дело на тројцата автори беше награден со Специјалната награда на Филмскиот фестивал во Пула во 1962 година, филмската критика овие приказни ги оцени за тематски неатрактивни, но се изјасни и дека тие во себе носат крајно субјективен израз. Оттаму, филмот „Град“, вториот и последен омнибус што тројката го сними набргу потоа во 1963 година, за тенката граница помеѓу депресијата и меланхолијата и за отуѓувањето на модерниот социјалистички човек, беше забранет и остана во бункер сè до 1990 година.

„Капи, воде, ратници“ / 81 минути / 1962 година
игран филм, црно-бел, 35мм.




Режија: Марко Бабац, Живоин Жика Павловиќ, Воислав Кокан Ракоњац
Сценарио: Марко Бабац, Живоин Жика Павловиќ, Воислав Кокан Ракоњац, Олга Вујадиновиќ
Директор на фотографија: Александар Петковиќ
Улоги: Душан Јаниќиевиќ, Јанез Врховец, Љуба Тадиќ, Олга Вујадиновиќ, Петар Лупа


Кратка биографија на режисерите:
Марко Бабац (1935 година) – режисер, монтажер, професор, теоретичар. Се занимавал со аматерски филм и бил еден од најистакнатите членови на кино-клубот Београд. Режира повеќе краткометражни, документарни, играни и телевизиски филмови. Дебитира со втората приказна во омнибусот „Капки, води, војници“ (1962 год.), а потоа го режира и играниот филм „Кој пука, ќе му биде отворено“ (1965 год.) за група млади деликвенти. Монтирал филмови на повеќе познати автори – монтажер е на играните филмови „Нокаут“ (1971 година, режија: Б. Драшковиќ), „Буба-шинтер“ (1971 год., режија: М. Јелиќ), „Работа на одредено време“ (1980 год., режија: М. Јелиќ), како и на околу седумдесет кратки филмови, од кои десет се во режија на Душан Макавеев. Предавал на Академијата за театар, филм, радио и телевизија, подоцна и на Факултетот за драмски уметности во Белград, каде што е шеф на Катедрата за монтажа. Особено е значајна неговата работа врз реконструкцијата на постарите српски филмови. Објавил повеќе студии за монтажа, се занимава со теориски истражувања од полето на филмот, иницијатор е на излегувањето на „Филмскиот лексикон“, а автор е и на значајни книги за и околу филмот („Прирачник за киноаматери“ (1963 год.), „Како се монтира филм“ (1967, 1972 и 1977 год.), „Филмот во вашите раце“ (1972 год.), „Техника на филмската монтажа“ (1976 год.).

Живоин Жика Павловиќ (1933-1998) е писател, режисер, сценарист, филмски есеист и сликар. Дипломирал декоративно сликарство на Академијата за применета уметност во Белград, а уште од студентските денови пишувал за филмот во разни белградски весници и списанија. По првиот, аматерски филм „Љуба Поповиќ“ (1958 год.), го снима првиот професионален филм „Живи води“, од коавторскиот омнибус „Капки, води, војници“ (1962 год.), за кој ја добива Специјалната награда на жирито на Филмскиот фестивал во Пула. Потоа следуваат филмовите: „Непријатели“ (1965 година, Златна маска во Картагина), „Враќање“ (1966 год.), „Будење на стаорците“ (1967 година, Сребрена мечка во Берлин и Златна арена во Пула), „Кога ќе бидам мртов и бел“ (1967 година, Прва награда за најдобар филм во Карлови Вари, Златна арена во Пула, Златен медал во Авелино), „Заседа“ (1969 година, Златен лав во Венеција), „Црвени класови“ (1970 година, Златна повелба за сценарио според книжевно дело во Берлин), „Хајка“ (1977 година, Голема златна арена во Пула), „Мирис на телото“ (1983 година, Голема златна арена во Пула), „На патот за Катанга“ (1987 година, Златен гладијатор), „Дезертер“ (1992 година, Златна маслинка во Бастија, Корзика) и постхумно финализираниот „Држава на мртвите“ (2002 година). Пред да падне во немилост на властите, работи и како професор на Академијата за театар, филм и телевизија во Белград. Автор е на 32 книги, а негови најзначајни литературни дела се: збирките раскази „Кривата река“ (1963 год.), „Цигански гробишта“ (1972 год.), „Азбука“ (1990 год.) и други; романите „Кукли“ (1965 год.), „Каин и Авел“ (1969 год.), „Ѕидот на смртта“ (1985 год.), „Лапот“ (1992 год.) и други; дневникот „Плунка полна крв“ (1990 год.); збирките есеи „За одвратното“ (1972 год.) и „Балкански џез“ (1989 год.), како и двете книги за филмот: „Филмот во училишните клупи“ (1964 год.) и „Ѓаволскиот филм“ (1969 год.).

Воислав Кокан Ракоњац (1935-1969) е режисер кој со филм почнал да се занимава како член на кино-клубот „Београд“. Работел краткометражни филмови („Ѕид“, 1960 година; „Круг“, 1962 година), а како режисер на игран филм дебитира во омнибусот „Капки, води, војници“ (1962 година). „Предавник“ (1964 год.), неговиот прв долгометражен игран филм, според многумина и најдобар, е приказна за воен херој, кој по мачењето од страна на Гестапо, станува убиец на довчерашните пријатели. Потоа ги режира филмовите „Клаксон“ (1965 година, за обид на група луѓе да побегнат од цивилизациските апсурди), „Немирниот“ (1967 година, за потерa по една малолетничка по смртта на тројца нејзини врсници во сообраќајка предизвикана со украден автомобил), „Диви сенки“ (1967 година, за безумната љубов на избеганиот затвореник кон жена која ќе го предаде), „Пред вистината“ (1968 година, за измислена средба на преживеаниот – со човекот кој го стрелал) и „Заѕидани“ (1969 година, за сложениот однос на стражарот и осудениот). Оваа успешно започната кариера е прекината поради прераната смрт на авторот, но зад себе, тој со својот опус оставил видлива трага во југословенскиот филм.

0 comments:

 
Кинотека. Design by Wpthemedesigner. Converted To Blogger Template By Anshul Tested by Blogger Templates.