Блогот Кинотека е неофицијално огледало на филмската програма на Кинотеката на Македонија и, понекогаш, на некои други филмски настани.

„Виридијана“ (Viridiana), 17 октомври (сабота), 20 ч.

Режија: Луис Буњуел
Сценарио: Луис Буњуел, Хулио Алехандро
Директор на фотографија: Хозè Ф. Ахуајо
Улоги: Силвија Пинал, Франсиско Рабал, Фернандо Реј, Маргарита Лозано, Викторија Зини, Тереза Рабал, Хозè Калво, Хоакин Роа

„Виридијана“ е првиот филм на Луис Буњуел снимен во Шпанија, по прогонството од дваесетина години. Иако властите ги одобруваат средствата за снимање, подоцна се обидуваат да ги запленат сите копии, а филмот е забранет. Во 1961 година, на Канскиот фестивал, филмот* ја добива Златната палма.
Младата Виридијана се обидува во пракса да ги примени католичките религиозни норми, но откако не и` успева, разочарана, ги прифаќа правилата на општествениот конформизам и влегува во своевиден љубовен триаголник. Филмот ја деконструира нефункционалноста на религиозните догми во современото општество, но и моралната деградација, лицемерието и духовната празнина што владеат во него. Низ моќна визуелна нарација, која ги иронизира делата на Гоја и на Да Винчи, во филмот се присутни сите елементи на надреалистичката поетика на Буњуел: слободните асоцијации, повеќезначните симболи и сновиденијата. Официјален Ватикан филмот го прогласи за навреда на христијанството.

Луис Буњуел (1900-1983) во младоста бил воспитаник на строгите езуити, по што се запишал на Универзитетот во Мадрид, каде станал добар пријател со сликарот Салвадор Дали и поетите Федерико Гарсија Лорка и Рафаел Алберти. Прво студирал природни науки и агрономија, а потоа филозофија. Во 1925 година го напушта Мадрид и се сели во Париз, каде работи како помошник на режисерите Жан Епштајн и Марио Налпас. Во 1929 година, заедно со Салвадор Дали, го пишува сценариото и ја снима 16-минутната надреалистичка класика, „Андалузиски пес“. Следува „Златно доба“ (1930 год.), жестока критика на католичката црква, филм кој е забранет во следните десет години. Во 1933 година, Буњуел се враќа во Шпанија, каде го снима документарниот филм „Земја без леб“, кој подоцна е забранет. Кога избива граѓанската војна, Буњуел повторно ја напушта Шпанија и се сели прво во САД, а потоа и во Мексико, каде почнува повторно да снима филмови: „Заборавени“ (1950 год., награден во Кан), „Вознесена“ (1951 год.), „Тој“ (1953 год.), „Оркански висови“ (1954 год.), „Авантурите на Робинзон Крусо“ (1954 год.) и др. По враќањето во Европа, ги реализира „Тоа се вика зора“ (1955 год.), „Смрт во градината“ (1956 год.), „Назарен“ (1959 год.), „Девојка“ (1960 год.), „Виридијана“ (1961 год.), „Ангелот на уништувањето“ (1962 год.), „Дневникот на една собарка“ (1964 год.), „Симон Пустиникот“ (1965 год.), „Убавицата на денот“ (1967 год., Златен лав во Венеција), „Млечен пат“ (1969 год.), „Тристана“ (1970 год.), „Дискретниот шарм на буржажоазијата“ (1972 год., Оскар за најдобар неанглиски филм), „Фантомот на слободата“ (1974 год.) и „Тој мрачен предмет на желбата“ (1977 год.). Најголемиот дел од филмовите на Буњуел се критички интонирани кон лажниот морал, католичката црква, граѓанските вредности и фашизмот, ја избегнуваат класичната нарација и се свртени кон надреалното, фантастичното, ирационалното, потсвесното, сонот.

*реприза: 28.10. (среда), 20 часот

0 comments:

 
Кинотека. Design by Wpthemedesigner. Converted To Blogger Template By Anshul Tested by Blogger Templates.