Режија: Хуан Антонио Бардем
Сценарио: Хуан Антонио Бардем, според краток расказ на Луис Фернандо де Ихоа
Директор на фотографија: Алфредо Фраиле
Улоги: Лучија Босè, Алберто Клосас, Бруна Кора, Карлос Касаравиља, Отељо Тосо
„Смртта на велосипедистот“ е репрезентативно дело на шпанскиот „неореализам на душата“ во кое се комбинираат контрастните елементи на францускиот филм-ноар со хичкоковскиот саспенс-трилер, холивудската мелодрама, италијанскиот неореализам и советскиот тип на монтажа. Тоа е филм* за егоизмот на граѓанската класа и недоследноста на интелектуалците, при што, како единствен симбол на морал се прикажани студентите. Универзитетскиот професор Хуан и неговата љубовница Марија Хозе, сопруга на богат индустријалец, со автомобил прегазуваат еден велосипедист и бегаат од местото на несреќата, исплашени да не се разоткрие нивната љубовна афера. Хуан е потресен и го гризе совеста, додека Марија Хозе, која управува со автомобилот, смета дека правилно постапиле. Хуан бара од Марија Хозе сè да и` признаат на полицијата и таа, уплашена од идејата на Хуан, го прегазува и него и бега со автомобилот, но повторно налетува на велосипедист... Заради алегориските алузии на режимот на генералот Франсиско Франко, филмот бил цензуриран, а на Канскиот фестивал во 1955 год. ја добива наградата на критиката – Фипресци.
Хуан Антонио Бардем (1922-2002) е еден од најзначајните шпански режисери по Втората светска војна. Поради исмевање на ригидниот тоталитарен режим на Франко во своите филмови, неколку години поминува в затвор, а дури седум пати е апсен додека Франко е на власт во Шпанија. По струка агроном, Бардем ја започнал кариерата во филмскиот оддел на Министерството за земјоделство на Шпанија, потоа го посетувал Институтот за кинематографски истражувања и искуства, пишувал филмски критики, а во 1953 год. го основал филмскиот магазин „Објективо“, кој по две години е забранет. На почетокот на кариерата соработува со режисерот Луиз Гарсија Берланга на филмот „Среќен пар“ (1951 год.), политичка сатира во која се исмева режимот на Франко. Следува првиот самостоен филм, „Комичари“ (1953 год.) и двете најуспешни остварувања, „Смртта на велосипедистот“ (1955 год.) и „Главна улица“ (1956 год.), по кои следат „одмазда“ (1957 год.) и „Механички клавири“ (1965 год.). По демократизацијата на Шпанија, ги снима и филмовите „Таинствениот остров“ (1973 год.), „Мост“ (1976 год.), „Седум дена во јануари“ (1979 год.), „Младиот Пикасо“ (1993 год.) и др.
*реприза: 27.10. (вторник), 20 часот
0 comments:
Post a Comment