Режија: Луис Гарсија Берланга
Сценарио: Рафаел Аскона, Енио Флајано, Луис Гарсија Берланга
Директор на фотографија: Тонино Дели Коли
Улоги: Нино Манфреди, Ема Пенеља, Хозè Исбер, Хозè Луис Лопез Васкез, Анхел Алварез, Гвидо Алберти
„Џелат“ е филмот којшто шпанските филмски критичари и режисери во 1976 год. го прогласија за најдобар филм дотогаш снимен во шпанската кинематографија. Со голема доза на црн хумор и нескриена иронија, овој филм* ја нагласува доминацијата на околностите над индивидуалните чувства на личноста и ги деконструира франкистичките митови за должноста и патриотизмот, но и директно го напаѓа генералот Франко, кој, во тоа време бил познат како „џелатот“. Младиот гробар Хозе Луис се вљубува во Каме, ќерката на џелатот Амадео, кој е пред пензија и согласноста за нивниот брак ја условува со преземање на неговата работа од страна на Хозе Луис. Хозе Луис прво се согласува, но откако ќе погуби човек, решава да ја напушти работата, иако стариот Амадео го уверува дека секој почеток е тежок. Хозе Луис се ужаснува од секакво насилство, но на крај се уверува себеси во неизбежноста на смртната казна...
Филмот бил цензуриран, па од оригиналната верзија биле исечени 15 минути; подоцна е (делумно) реставриран. На Венецискиот филмски фестивал бил награден со награда на критиката.
Луис Гарсија Берланга (роден во 1921 год.) потекнува од богато семејство. Во младоста бил десничар, но по учеството во Втората светска војна, станува антифранкист. Прво студирал филозофија, но дипломира на Институтот за кинематографски истражувања и искуства во Мадрид, по што, заедно со Хуан Антонио Бардем го режира филмот „Среќен пар“ (1951 год.). Во 1952 година го режира првото самостојно остварување, сатиричната филмска приказна „Добре дојдовте господине Маршал“, во кое се критикува американското економско-политичко влијание во Шпанија. Потоа следуваат комичните сатири „Калабуш“ (1956 год.), „Пласидо“ (1961 год.) и неговото најуспешно дело, „Џелат“ (1963 год.), реализирани по сценарио на долгогодишниот соработник, сценаристот Рафаел Аскона. Филмовите на Берланга, зачинети со црн хумор и сатира, се метафори на бесмисленоста на франкистичкото општество, во кое доминираат војската и католичката црква. Од тие причини, генералот Франко во една прилика изјавува: „Берланга не е комунист, тој е полош од комунистите, тој е лош Шпанец“. Во подоцнежните остварувања, Берланга се занимава со односот меѓу половите, како во „Природна големина“ (1973 год.), и повторно со франкистичката идеологија, како во „Национален лов“ (1977 год.). Негови последни остварувања се „Сите в затвор“ (1993 год.) и филмот „Париз-Тимбакту“ (1999 год.).
* реприза: 29.10.(четврток), 20 часот
0 comments:
Post a Comment