Блогот Кинотека е неофицијално огледало на филмската програма на Кинотеката на Македонија и, понекогаш, на некои други филмски настани.

„Пеперминт фрапе“ (Peppermint frappé), 19 октомври (понеделник), 20ч.

Режија: Карлос Саура
Сценарио: Рафаел Аскона, Анхелино Фонс, Карлос Саура
Директор на фотографија: Луис Квадрадо
Улоги: Џералдина Чаплин, Хозè Луис Лопез Васкез, Алфредо Мајо, Емилијано Редондо, Марија Хозè Чарфоле, Франсиско Венегас

„Пеперминт фрапе“ е невообичаена приказна за многу пристоен, религиозен и конзервативен лекар кој е опсесивно вљубен во слободоумната жена на својот најдобар пријател, која, пак, му е верна на својот либерален сопруг. Сепак, не се работи за мелодраматичен љубовен триаголник, туку за метафора на Шпанија за време на владеењето на Франко. Филмот* се обидува да прикаже како дејствува човек кој му припаѓа и верува во репресивното општество. Филмот е под силно влијание на Буњуел, на кого и му е посветен филмот, а останува запаметена и импресивната ролја на Џералдина Чаплин.

Карлос Саура (роден во 1932 год.) е најистакнатиот шпански режисер во седумдесеттите и првата половина на осумдесеттите години на минатиот век. Прво се занимавал со фотографија и аматерски филм, а во 1957 година дипломира на Институтот за кинематографски истражувања и искуства во Мадрид, каде подоцна и предава. Целиот негов опус, низ специфична надреалистичка поетика и црн хумор во кој се мешаат фактите и фикцијата, е насочен кон деконструкција на наследените културни влијанија и врз препрочитување на шпанската историја и културното наследство. По првенецот „Хулигани“ (1961 год.), следуваат „Балада за бандитот“ (1963 год.), „Лов“ (1965 год.), „Градина на задоволството“(1970 год.), „Роднината Анџелика“ (1973 год.), „Брзо, брзо“ (1980 год., Златна мечка во Берлин), „Крвава свадба“ (1980 год.), „Слатки часови“ (1982 год.), „Антоанета“ (1983 год.), „Кармен“ (1983 год.), „Елдорадо“ (1988 год.), „Темна ноќ“ (1989 год.), „Ај Кармела“ (1990 год.), „Фламенко“ (1994 год.), „Танго“ (1997 год.), „Гоја во Бордо“ (1999 год.), „Буњуел и масата на царот Соломон“ (2001 год.), „Салома“ (2002 год.). Централниот дел од творештвото на Саура го сочинуваат осум филмови снимени со американската актерка Џералдина Чаплин, со која бил и во приватна врска: „Пеперминт Фрапе“ (1967 год., Сребрена мечка во Берлин), „Стресот е три, три“ (1968 год.), „Дувло“ (1969 год.), „Ана и волците“ (1973 год.), „Змија в пазуви“ (1976 год.), „Елиза, животу мој“ (1977 год.), „Со врзани очи“ (1978 год.) и „Мама полни сто години“ (1979 год.).

*реприза: 30.10. (петок), 20 часот

1 comments:

Anonymous said...

Emitida en el Teatro Liceo de Salamanca, 1,20 euros.

 
Кинотека. Design by Wpthemedesigner. Converted To Blogger Template By Anshul Tested by Blogger Templates.