Блогот Кинотека е неофицијално огледало на филмската програма на Кинотеката на Македонија и, понекогаш, на некои други филмски настани.

„Пчеларникот“ (La Colmena), 20 октомври (вторник), 20ч.

Режија: Марио Ками
Сценарио: Камило Хозе Села, Хозе Луис Дибилдос
Директор на фотографија: Ханс Бурман
Улоги: Викторија Абрил, Ана Белен, Конча Веласко, Франциско Рабал, Марио Прадо

„Пчеларникот“ го обработува периодот по Шпанската граѓанска војна и нејзиното влијание врз неколку ликови кои се различно ситуирани во новото општество. Во Мадрид, 1942 година, тие секојдневно се среќават во кафето Ла Делисија, конфронтирајќи ги своите животни ставови и маки. Јазот помеѓу поетите и уметниците, кои едвај ја преживеале мизеријата под режимот на Франко, и победниците во војната, односно класата луѓе што лесно се збогатува преку илегални бизниси, станува воочлив исе чини непремостлив. Сценариото за филмот е базирано врз истоимениот роман од Камило Хозе Села, а и самиот писател игра една од споредните улоги во филмот. Во 1983 година, „Пчеларникот“* беше награден со Златна мечка за најдобар филм на Берлинскиот филмски фестивал.

Марио Ками (роден во 1935 год.) почнува да режира во 1963 година и на почетокот на кариерата соработува на неколку сценарија со режисерот Карлос Саура. Неговата четиридецениска филмографија е преполна со впечатливи дела. Работи во повеќе жанрови, од романтични комедии и мјузикли до прекрасни адаптации на познати романи, како што е тв-серијата „Фортуна и Хацинта“ (1980 год.), „Невини светци“ (1984 год.), „Куќата на Бернарда Алба“ (1987 год.) и други. Во 90-тите продолжува да работи со одлични актери и да раскажува драматични приказни за комплексни бунтовни личности оформени низ трауматичните животни искуства, а експериментира и со филм-ноарот.
Други позначајни негови филмови се „Младиот Санчез“ (1964 год.), „На зајдисонце“ (1967 год.), „Лутината на ветерот“ (1970 год.), „Птиците од Баден-Баден“ (1975 год.), „Денови на минатото“ (1978 год.), „Сенки на битката“ (1993 год.), „Ел Којоти“ (1998 год.), „Поле од ѕвезди“ (2007 год.) и други.

*реприза: 31.10. (сабота), 20 часот

0 comments:

 
Кинотека. Design by Wpthemedesigner. Converted To Blogger Template By Anshul Tested by Blogger Templates.