Режија: Педро Алмодовар
Сценарио: Педро Алмодовар
Директор на фотографија: Алфредо Ф. Мајо
Улоги: Вероника Форке, Питер Којоти, Викторија Абрил, Алекс Касановас, Рози де Палма
„Кика“ е филм* кој зборува за една млада, брборлива и надежна актерка-шминкерка која е во тајна љубовна врска со американскиот писател Николас, кој живее во Мадрид, а е вереница на неговиот меланхоличен и автодеструктивен посинок Рамон. Оваа тројка е немилосрдно прогонувана од Андреа – тв-водителка која има камера на главата и постојано е облечена во костими на Жан-Пол Готје – која по секоја цена сака да открие компромитирачка и сензационалистичка приказна за нив, по можност исполнета со многу насилство, секс и убиства. Впрочем, такви се сите стории во нејзиниот тв-таблоид. Кога Кика на бизарен начин е силувана од братот на својата куќна помошничка, Андреа ги објавува снимките од овој чин во својота емисија, и посрамената Кика се подготвува да го напушти градот. Но, од сите страни ќе почнат да се разоткриваат тајни и прикриени работи поврзани со комплицираниот однос на очувот, посинокот и вереницата.
Педро Алмодовар (роден во 1949 год.) е најпознатиот шпански режисер по Луис Буњуел. Во 1968 година пристигнува од Ла Манча во Мадрид, успева да се вработи во телефонска компанија и од заработените пари си купува Супер-8 камера. Во периодот од 1972 до 1978 година се посветува на правењето кратки филмови со помош на своите пријатели, а „премиерите“ на овие филмови биле мошне популарни меѓу следбениците на Ла Мовида, шпанското супкултурно движење кон крајот на седумдесттите. Во 1980 година, Алмодовар со 16-милиметарска лента го снима својот прв долгометражен игран филм „Пепи, Луси, Бом“, кој веднаш доживува успех, па заради потребата од дистрибуција во кината, набргу е префрлен на 35-милиметарска лента. Во 1987 година, Алмодовар со својот брат формира продуцентска компанија преку која ги снима сите свои филмови. Позначајни негови филмови се „Лавиринт на страста“ (1982 год.), „Матадор“ (1986 год.), „Жени на работ на нервен слом“ (1988 год.), „Врзи ме!“ (1990 год.), „Високи потпетици“ (1991 год.), „Кика“ (1993 год.), „Живо месо“ (1997 год.), „Се` за мојата мајка“ (1999 год.), „Зборувај со неа“ (2002 год.), „Лошо образование“ (2004 год.), „Скршени прегратки“ (2009 год.).
*реприза: 01.11. (недела), 20 часот
0 comments:
Post a Comment