Режија: Алехандро Аменабар
Сценарио: Алехандро Аменабар, Матео Гил
Директор на фотографија: Ханс Бурман
Улоги: Едуардо Нориега, Пенелопе Круз, Чете Лера, Феле Мартинез, Најва Нимри
„Отвори ги очите“ е филм за згодниот 25-годишен Цезар, кој има успешна кариера, скапи автомобили, добра ергенска гајба и цела војска од убави и податливи жени на свое располагање. За жал, тој не може да раскине со својата последна девојка – Нурија. Вечерта кога го слави својот роденден, со помош на атрактивната Софија, девојка на неговиот пријател Пелајо, тој успева накратко да се ослободи од Нурија, но следното утро мора да се соочи со неа и тоа во нејзиниот автомобил. Веднаш потоа Цезар се буди со маска на своето лице за да ги сокрие ужасните лузни и се наоѓа во затвор заради испитување под обвинение за убиство. Но, не се сеќава како стигнал дотаму. Трилерот* на Аменабар ја извртува перцепцијата за реалноста на гледачот и на главниот јунак преку серија од збунувачки пресврти во приказната. Во 2001 година е снимен и американскиот римејк на филмот, под наслов „Небо од ванила“ (Vanilla Sky) со Том Круз, Пенелопе Круз и Камерон Дијаз во главните улоги.
Алехандро Аменабар (роден во 1972 год.) е од шпанско-чилеанско потекло. Детството и младоста ги минува во Шпанија. Студиите по режија не ги довршува, сметајќи ги за губење време, и рано почнува да снима и режира. Го напишал, продуцирал и режирал својот прв краток филм уште на 19-годишна возраст, а на 23 години го режира „Теза“, својот прв долгометражен филм. За сите свои филмови, тој е авторот и на сценаријата и на музиката. Од другите шпански режисери, според американските критичари, се разликува по тоа што не се занимава со националните фобии или блиското минато, туку смело се втурнува во фантазмагорични, психолошки и надреални теми. Во своите филмови не дава одговори, туку поставува прашања што публиката треба да ги одговори. Негови позначајни филмови се „Луна“ (1995 год.), „Теза“ (1996 год.), „Отвори ги очите“ (1997 год.), „Јазикот на пеперутките“ (1999 год.), „Другите“ (2001 год.) и „Внатрешно море“ (2004 год.).
*реприза: 02.11.(понеделник), 20 часот
0 comments:
Post a Comment