Блогот Кинотека е неофицијално огледало на филмската програма на Кинотеката на Македонија и, понекогаш, на некои други филмски настани.

„Видеографија, Драган Абјаниќ (1953-1999)“, 27 и 28 мај (среда и четврток), 20ч.

На репертоарот на Кинотеката на Р. Македонија е промоцијата на новото ДВД издание „Видеографија, Драган Абјаниќ (1953-1999)“ со што ќе се одбележат 10 години од прераната смрт на единствениот видео автор во Македонија, овенчан со меѓународна награда за видео.

Во 1994 година на Меѓународниот видео фестивал во Локарно, Швајцарија, за уметничкото видео „Потоа“ (Ensuite) Драган Абјаниќ ја доби Големата награда на Советот на Европа. Следната година, за перформансот „И бело...“ го доби Клучот на градот Канобио.
Како наследство на современата уметност на Македонија, тој остава над 20 авторски видео записи од кои дел се во продукција на Македонската телевизија, а дел во продукција на А1 телевизија како што се култните ТВ проекти „ТВ Бордожбајн“, „Сабвеј“ и играниот документарец „Н.Е:П.“.

„Видеографијата, Драган Абјаниќ (1953-1999)“ содржи ДВД со осум одбрани уметнички видео снимки, реализирани во периодот од 1985 до 1998 година („Микско“, „Ана“, „Апокатастатис“, „Ена“, „Вевчани“, „Потоа“, „Процесија“ и „И бело...“) и каталог.
Во видео-арт делата на Абјаниќ ќе препознаете некои, за него, омилени кадри, но ќе ги препознаете и нашите народни ритуали како дел од современото живеење, ставени во контекстот на концептуалната ликовна уметност.

Куратор на проектот е Евгенија Теодосиевска, а проектот е финансиски поддржан од Швајцарската културна програма за Западниот Балкан.

0 comments:

 
Кинотека. Design by Wpthemedesigner. Converted To Blogger Template By Anshul Tested by Blogger Templates.