Проекции: 15.05.2013 (среда), 20.00 часот
МИМИЦА И БАУЕР: Гостување на Хрватската кинотека во Скопје и Битола
Со нивниот влог во хрватската и македонската кинематографија Ватрослав Мимица и Бранко Бауер се незаобиколливи филмски автори. Сигурно едни од најдобрите филмски мајстори кои работеа на подрачјето на старата југословенска држава, а кои, ете, на наше задоволство снимија по еден филм и во Македонија. Заедничкиот проект на кинотеките на Хрватска и Македонија за реставрација на „Македонскиот дел од пеколот“ и „Три Ани“, само ја потврдува извонредната соработка која ја имаат овие две кинотеки. Време е да ги видиме резултатите од оваа соработка, збогатени со програма која ќе ни даде перспектива за големата вредност на Бауер и Мимица.
„Македонскиот дел од пеколот“
Во селото Лавци, во околината на Битола, која е под окупација на бугарските фашистички сили, доаѓа Тодор Ангелов познат како Даскалот, комунист и водач на отпорот против окупаторот. Меѓутоа, еден од селаните, доушник, му јавува на началникот на бугарската полиција каде се наоѓа Даскалот и полицијата и војската веднаш доаѓаат во селото. По изведениот претрес, окупаторот ги собира сите мажи над петнаесет години средсело и со уценувања се обидува да дознае каде се крие Даскалот. Селаните, пак, изнаоѓаат секакви начини да го надмудрат непријателот и да не го предадат својот водач.
Овој филм, на хрватскиот режисер Ватрослав Мимица е еден од двата филма (заедно со „Три Ани“) кои се дел од заедничкиот проект на Хрватската и Македонската кинотека за реставрација на овие филмови кои се значајни и за двете кинотеки.

игран филм, Република Македонија
1971 година, 104 мин., колор, бета
режија: Ватрослав Мимица (Vatroslav Mimica);
сценарио: Славко Јаневски, Панде Ташовски, Ватрослав Мимица (Slavko Janevski, Pande Tašovski, Vatroslav Mimica);
улоги: Дарко Дамески, Павле Вуисиќ, Фабијан Шоваговиќ, Милена Дравиќ, Неда Спасојевиќ (Darko Dameski, Pavle Vuisić, Fabijan Šovagović, Milena Dravić, Neda Spasojević).
0 comments:
Post a Comment