Блогот Кинотека е неофицијално огледало на филмската програма на Кинотеката на Македонија и, понекогаш, на некои други филмски настани.

„Стаклениот зајак“, 7 март (недела), 20 часот

Снимен според автобиографскиот роман на Тошико Такаги, „Стаклениот зајак“ ги прикажува ужасите по бомбардирањата на Токио за време на Втората светска војна од страна на американските сили. Семејството на малата Тошико е разнебитено од виорот на војната. Постарите браќа заминуваат во војска, сестричките и мајката загинуваат при бомбардирање, таткото е погоден од митралез, куќата е срушена, семејната фабрика уништена. А Тошико мора да го надмине сето тоа, да продолжи да живее, затоа што некој мора да остане и да се сеќава на семејството.


GARASU NO USAGI/ GLASS RABBIT
анимиран филм/ колор/ 2005 година/ 86`

Режија: Сецуко Шибуичи
Сценарио: Казуми Коиде, Мицујо Суенга
Директор на фотографија: Хидео Оказаки
Гласови: Рина Могами, Јасујоши Хара, Кеико Такеши, Хироши Камија, Џун Фукујама

Кратка биграфија за режисерката:

Сецуко Шибуичи е јапонска аниматорка, цртачка и режисерка. Како аниматорка, учествува на голем број проекти уште од седумдесеттите години на минатиот век, но како режисерка дебитира со епизодата „Вереничката на Нагиса“ (Nagisa no Fianse, 1988 год.) од аниме-серијата „Неподносливи вонземјани“ (Urusei Yatsura). Потоа работи на уште три епизоди - „Бесниот шербет“ (Ikare!! Shaabetto, 1988 год.), „Домашното електрично обезбедување“ (Denki shikake no goniwaban, 1989 год.) и „И` завивам на месечината“ (Tsuki ni Hoeru, 1989 год.), а ги снима и „Мојата сестра Момоко“ (Momoko, kaeru-no uta-ga kikoeruyo, 2003 год.), „Дамеко“ (Damekko dôbutsu, 2005 година) и последниот, „Стаклениот зајак“ (Garasu-no usagi, 2005 година).

„Висечка градина“, 6 март (сабота), 20 часот

„Висечка градина“ е приказна за едно семејство чие мото е секогаш да се кажува вистината. Меѓутоа, под фасадата на среќно семејство, се кријат многу недоразбирања и нетрпеливости. Мајката Ерико ја крие својата долгогодишна депресија поради сопругот, кој тајно има две љубовнички. Ќерката Мана бега од часови и времето го минува со момчиња, а помладиот син насетува дека нешто не е во ред со сите нив. Сите на крај заклучуваат дека без љубов и меѓусебна почит, семејството нема да опстане.


KUCHU TEIEN/ HANGING GARDEN
игран филм/ колор/ 2005 година/ 113`

Режија и сценарио: Тошијаки Тојода
Директор на фотографија: Јуничи Фуџисава
Улоги: Кјоко Коизуми, Ицуџи Итао, Ен Сузуки, Масахиро Хирота, Џун Кунимура


Кратка биографија за режисерот:

Тошијаки Тојода (Осака, Јапонија, 1969-) е режисер и сценарист кој со филм почнал да се занимава инспириран од првенецот на Џунџи Сакамото, „Нокаут“ (Dotsuitarunen, 1989 година). Импресиониран од виденото, веднаш отпатувал во Токио, го замолил Сакамото да му даде работа и се вработил во продуцентската куќа „Арато џенијииро продакшн“ (Arato Genijiiro Production) за која работел и самиот Сакамото. Набргу заедно се потпишале на сценариото за филмот „Шахмат“ (Ôte, 1991 год.), режиран од Сакамото. Соработката продолжила и на филмот „Биликен“ (Biliken, 1996 год.), по кој Тојода го реализирал својот режисерски и сценаристички првенец „Порно-ѕвезда“ (Pornostar, 1998 год.). Потоа следуваат документарниот филм „Унчаин“ (Unchain, 2000 год.) за истоимениот јапонски боксер, „Тажна пролет“ (Aoi haru, 2001 год.), базиран на манга, криминалистичкиот „9 души“ (9 Souls, 2003 год.), семејната драма „Висечка градина“ (Kûchû teien, 2005 год.), чие сценарио се темели на истоимениот роман на Мицујо Какута, и последниот „Преродба“ (Yomigaeri no chi, 2009 година).

„Ќе надминеме, еден ден“, 5 март (петок), 20 часот

Група јапонски средношколци доаѓа во корејското маало и се подбива со локалните девојки. Инцидентот ќе предизвика низа настани и судири во кои двете етнички групи ќе мораат да се соочат со своите разлики, да ги осознаат и да ги надминат доколку сакаат да живеат едни крај други. Филмот е снимен според еден расказ на Мацујама Такеши, а милјето во кое се случува дејствието е автентично и проблемот на корејското население како маргинализирана општествена група во Јапонија е тема што Изуци ја обработува во неколку свои филмови.


PACCHIGI / WE SHALL OVERCOME SOMEDAY
игран филм/ колор/ 2004 година/ 119`

Режија: Казујуки Изуцу
Сценарио: Даисука Хабара, Казујуки Изуцу
Директор на фотографија: Хидео Јамамото
Улоги: Шун Шиоја, Сосуке Такаока, Ерика Суваџири, Кеисуке Коиде, Кјоко Јанагихара


Кратка биографија за режисерот:
Казујуки Изуцу (Јаматокоријама, Јапонија, 1952-) е режисер и сценарист кој кариерата ја започнува снимајќи „пинк“ еротски филмови во седумдесеттите години. Меѓународна слава постигнува дури со неодамнешните „Ќе надминеме, еден ден“ (Pacchigi, 2004 год.) и неговото продолжение, „Љубов и мир“ (Pacchgi! Love & Peace, 2007 год.), во кои ја третира социјалната положба на Корејците во јапонското општество. Негови филмови се и играните „Империја на децата“ (Gaki teikoku, 1981 год.), „Мијуки“ (Miyuki, 1983 год.), семејната драма „Општи правила“ (Uchuu no hosoku, 1990 год.), акциониот „Амбициозни момчиња“ (Kishiwada shonen gurentai, 1996 год.), „Натпревар по аматерско пеење“ (Nodo jiman, 1999 год.) и комедијата „Станувај!“ (Geroppa!, 2003 година).

„Канаринец“, 4 март (четврток), 20 часот

Филмот „Канаринец“ е инспириран од случувањата по труењето со гасот сарин во токиското метро во 1995 година, за кои беше одговорна сектата Аум Шинрикјо. Коичи, син на една припадничка на сектата, се обидува да ја пронајде својата помала сестричка која насилно е одвоена од него, откако децата и мајката ја напуштиле сектата. Полн е со гнев, сака да се одмазди, но разумот му вели дека ако сака да продолжи да живее нормален живот, ќе мора да прости. Во потрагата му помага Јуки, девојче што исто така страдало од злоставување и негрижа.


KANARIA / CANARY
игран филм/ колор/ 2005 година/ 132 минути

Режија и сценарио: Акихико Шиота
Директор на фотографија: Јутака Јамазаки
Улоги: Хоши Ишида, Мицуки Танимура, Хидетоши Нишиџима, Мијако Кода, Кенџи Мизухаши

Кратка биографија за режисерот:
Акихико Шиота (Маизуро, Кјото, Јапонија, 1961-) е режисер и сценарист, дипломец на познатиот универзитет „Рико“ и член на тамошниот филмски клуб заедно со Кијоши Куросава, Макото Шинозаки и Шинџи Аојама. Првиот долгометражен игран филм го напишал и режирал 1999 година под наслов „Шепотења под месечината“ (Gekko no sasayaki), со кој ги освојува наградите за најдобар режисер на неколку јапонски филмски фестивали. Следуваат драмите во кои на различен начин го третира проблемот на созревањето, како „Не се врти“ (Dokomademo ikô, 1999 год.), „Љубовно кино“ (Gipusu, 2001 год.), „Штетен инсект“ (Gaichu, 2001 год.) и „Канаринец“ (Kanaria, 2005 год.). Режирал и научно-фантастични филмови, како што се „Јомигаери“ (Yomigaeri, 2002 год.), „Срце со љубов“ (Kono mune ippai no ai wo, 2005 год.) и „Дороро“ (Dororo, 2007 год.), кој засега е неговото последно филмско остварување.

„Мојот татко“, 3 март (среда), 20 часот

Оваа среда ќе можете да ја проследите претпремиерата на македонскиот игран филм „Мојот татко“ (Babai im) во режија на Шќипе Н. Дука. Филмот е снимен во околината на Скопје (с. Патишка река и с. Количани) и е поддржан од страна на Министерството за култура на РМ, како и од Филмскиот фонд на РМ. Трае 84 минути.

Филмот зборува за Зека, чиј единствен син загинал во војна. Сега тој е сам во куќа полна со жени. Болката и тагата по изгубениот син се фатални за неговиот здрав разум. Ја негира реалноста и почнува да живее со надежта дека син му е жив и дека наскоро ќе се врати дома.
Еден ден во селото доаѓа еден странец и носи ковчези со загинати војници. Зека го поканува да ја помине ноќта кај него. Ноќта доаѓа заедно со демоните кои ќе го турнат Зека во лудило и ќе го претворат во убиец.
Отуѓен од целиот свет, Зека продолжува да го чека својот мртов син, а најмалата ќерка Хана чека Зека повторно да и` биде татко.

Продукција: ODEON scene 7
Режија и сценарио: Шќипе Н. Дука
Продуцент: Шќипе Н. Дука
Извршен продуцент: Ејуп Дука
Монтажа: Софија Самоиловска Јовановиќ
Директор на форографија: Владимир Самоиловски
Музика: Мевлан Османи
Улоги: Сефедин Нуредини, Џемиле Ибрахими, Њомза Ибрај, Ментор Зимберај, Теута Јегени, Амернис Нокшиќи Јовановска, Ментор Нуредини, Суле Куќи, Ајета Реџепи, Анесас Зекири, Ќазмедин Нуредини
 
Кинотека. Design by Wpthemedesigner. Converted To Blogger Template By Anshul Tested by Blogger Templates.