Блогот Кинотека е неофицијално огледало на филмската програма на Кинотеката на Македонија и, понекогаш, на некои други филмски настани.

„Висечка градина“, 6 март (сабота), 20 часот

„Висечка градина“ е приказна за едно семејство чие мото е секогаш да се кажува вистината. Меѓутоа, под фасадата на среќно семејство, се кријат многу недоразбирања и нетрпеливости. Мајката Ерико ја крие својата долгогодишна депресија поради сопругот, кој тајно има две љубовнички. Ќерката Мана бега од часови и времето го минува со момчиња, а помладиот син насетува дека нешто не е во ред со сите нив. Сите на крај заклучуваат дека без љубов и меѓусебна почит, семејството нема да опстане.


KUCHU TEIEN/ HANGING GARDEN
игран филм/ колор/ 2005 година/ 113`

Режија и сценарио: Тошијаки Тојода
Директор на фотографија: Јуничи Фуџисава
Улоги: Кјоко Коизуми, Ицуџи Итао, Ен Сузуки, Масахиро Хирота, Џун Кунимура


Кратка биографија за режисерот:

Тошијаки Тојода (Осака, Јапонија, 1969-) е режисер и сценарист кој со филм почнал да се занимава инспириран од првенецот на Џунџи Сакамото, „Нокаут“ (Dotsuitarunen, 1989 година). Импресиониран од виденото, веднаш отпатувал во Токио, го замолил Сакамото да му даде работа и се вработил во продуцентската куќа „Арато џенијииро продакшн“ (Arato Genijiiro Production) за која работел и самиот Сакамото. Набргу заедно се потпишале на сценариото за филмот „Шахмат“ (Ôte, 1991 год.), режиран од Сакамото. Соработката продолжила и на филмот „Биликен“ (Biliken, 1996 год.), по кој Тојода го реализирал својот режисерски и сценаристички првенец „Порно-ѕвезда“ (Pornostar, 1998 год.). Потоа следуваат документарниот филм „Унчаин“ (Unchain, 2000 год.) за истоимениот јапонски боксер, „Тажна пролет“ (Aoi haru, 2001 год.), базиран на манга, криминалистичкиот „9 души“ (9 Souls, 2003 год.), семејната драма „Висечка градина“ (Kûchû teien, 2005 год.), чие сценарио се темели на истоимениот роман на Мицујо Какута, и последниот „Преродба“ (Yomigaeri no chi, 2009 година).

0 comments:

 
Кинотека. Design by Wpthemedesigner. Converted To Blogger Template By Anshul Tested by Blogger Templates.