Една од најистакнатите фигури на светската кинематографија е унгарскиот филмски режисер Иштван Сабо. Режирал повеќе од 30 филмови на неколку јазици, а филмот „Мефисто“ го освои Оскарот за најдобар странски филм.
Благодарение на институтот Балаши (Будимпешта, Унгарија), којшто ги промовира културните вредности во светот и го поддржува културното наследство надвор од Унгарија, ќе имаме прилика да ги погледнеме неговите најзначајни филмски остварувања.
„Неделата на Иштван Сабо“ ќе се одржи во Скопје и Битола во периодот од 20 до 26 април. Филмскиот избор ќе започне со трилогијата „Мефисто“(Mephisto, 1981 година) и ќе продолжи со „Полковникот Редл“ (Oberst Redl, 1985 година), „Астрологот на Хитлер“ (Hanussen, 1988 година), „Драга Ема, сладок Боб – скици, актови“ (Édes Emma, drága Böbe - vázlatok, aktok, 1992 година), „Сончевина“ (Sunshine, 1999 година) и „Роднини“(Rokonok, 2006 година).
Настанот е подржан од Националниот Фонд за култура на Унгарија.
Домаќин на овој настан ќе биде Кинотеката на Македонија.
Голема благодарност и до Дирекцијата за култура и уметност од Скопје, Унгарската Амбасада, Друштвото на филмските работници на Унгарија, како и до Унгарскиот национален филмски архив за нивната помош, поддршка и професионален ангажман при реализацијата на овој проект.
Кратка биографија
Иштван Сабо (István Szabó), унгарски режисер и сценарист. Роден е на 18 февруари 1938 година година во Будимпешта. Семејната традиција му налагала да се образува како лекар, но во гимназиските денови и` се придружува на драмската секција, а тогаш и го чита делото „Филмска култура“ на Бела Балаш. Тогаш вистински се определува за работа на филм и се запишува на Академијата за театарска и филмска уметност во Будимпешта.
Уште за време на студиите му асистира на познатиот унгарски режисер од тоа време – Јанош Херско, а снима и неколку значајни крати филмови, меѓу кои се „ВАријации на една тема“ и „Ти“ за филмската куќа „Бела Балаш“ ( тој е еден и од нејзините основачи).
Дипломира во 1963 година и веќе следната година го снима својот прв игран филм „Време на сонување“ (1964 година).
Денес веќе може да се каже дека Иштван Сабо е еден од најпознатите и најпризнати унгарски филмски режисери. Во 60-тите и 70-тите години режира авторски филмови кои ја поврзуваат современоста со историјата. Во филмовите на Сабо, нереални и страшни вистини од минатото се присутни во човековиот живот: во „Татко“ (1966 год.) тоа е сеќавањето на синот на родителот, сеќавањето на депортациите на нацистите во „Улица Пожарникарска бр. 25“ (1974 год.), пропаднатото востание од 1956 година во „Љубовен филм“ (1970 год.) или сеќавањето на предавството во „Доверба“ (1979 год.).
Историјата на Централна Европа од Австроунгарската империја до Варшавскиот пакт е клуч во разбирањето на филмовите на Иштван Сабо и нивната симболичка структура. Во филмот „Полковникот Редл“ (1985 год.) постои дури и метафоричка поврзаност помеѓу империјалната династија и современата народна република.
Сабо се стекнува со меѓународна репутација и слава во 1981 година, кога филмот „Мефисто“ го добива Оскарот за најдобар странски филм. Покрај другите унгарски и полски актери, во филмот глуми и Австриецот Клаус Марија Брандауер. Филмот зборува за моралните дилеми и професионалниот успех на еден актер кој е поддржан од еден нацист (Херман Геринг е моделот за овој лик). Познатиот унгарски новинар Золт Баер ќе напише „Очигледно е дека Сабо во овој филм го режирал сопствениот живот, генијално.“ „Мефисто“ е дел од трилогијата која продолжува со филмовите „Полковникот Редл“ (1984 год.) и „Астрологот на Хитлер“ (1988 год.).
Во 1991 година започнува да работи надвор од својата земја и ги снима филмовите „Средба со Венера“ (1991 год.), „Сончевина“ (1999 год.), „Заземање страни“ (2001 год.), „Да се биде Јулија“ (2004 год.) со кој актерката Анет Бенинг добива номинација за Оскар. Со неговиот последен филм „Роднини“ (2006 год.) се враќа во унгарската продукција.


0 comments:
Post a Comment