Блогот Кинотека е неофицијално огледало на филмската програма на Кинотеката на Македонија и, понекогаш, на некои други филмски настани.

„Интимно осветлување“ (Intimni osvetleni), 8 мај (петок), 20ч.

„Интимно осветлување“ е првиот, а воедно и последниот филм што режисерот Иван Пасер го има снимено во Чешка.

Филмот зборува за еден млад челист од Чешка кој, заедно со својата префинета девојка, оди во посета на пријатели во едно идилично село. Тој има и покана да свири со селскиот оркестар. „Интимно осветлување“ симпатично ги споредува рационалноста и рафинираноста на гостите со пријатната леснотија на селскиот живот.


Филмот трае 71 минута.

„Смртоносен пронајдок“ (Vynalez zkazy), 7 мај (четврток), 20ч.

Прекрасната чешка фикција „Смртоносен пронајдок“ е базирана врз роман на Жил Верн. Дејствието се случува во 19. век за време на Индустриската револуција. Злобниот гроф Артигас сака да го освои светот со помош на футуристичките откритија на киднапираниот научник, професорот Томас. Храбриот јунак Симон е заљубен во чесната и снаодлива ќерка на професорот, Жана, и прави се` што е во негова моќ за да ги поткопа плановите на грофот.


Во 1961 година во САД излезе англиската верзија на овој филм со наслов „Прекрасниот свет на Жил Верн“ (The Fabulous World of Jules Verne).

Филмот е во режија на Карел Земан и трае 83 минути.

Изложба и гостин

Во рамките на „Денови на чешкиот филм“, во Кинотеката на Р.Македонија ќе биде отворена и изложбата „Нефокусирано“ на современиот чешки фотограф Ладислав Ховорка. 

Гостин на Кинотеката ќе биде директорот на Народниот филмски архив на Чешка Владимир Опела, кој на 6 мај (среда) во 13:30 часот ќе го претстави Народниот филмски архив со посебен осврт на филмската архивистика и законските рамки во филмската архивистика. Формиран во 1943 година, Народниот филмски архив е еден од најголемите и најстарите филмски архиви во кој се депонирани 150 милиони метри филмска лента, 600 илјади фотографии, 30 илјади плакати и други филмски артефакти. 

„Далечен пат“ (Daleka cesta), 6 мај (среда), 20ч.

„Далечен пат“ претставува легендарно филмско остварување кое, иако беше забрането да се прикажува цели 40 години, сепак во чешката колективна свест остана запаметено како едно од ремек-делата на чешката кинематографија.

„Далечен пат“ е приказна за холокаустот.
Режисерот Алфред Радок (1917-1976) имал еврејско потекло и загубил голем дел од семејството во концентрационите логори за време на Втората светска војна. Во последните неколку месеци од војната, и тој самиот бил затвореник во логорот Клетендорф во близина на Вроцлав, но успеал да избега. Татко му и дедо му немале среќа - умреле во Терезин, транзитен логор од каде Евреите биле транспортирани на исток, најчесто во Треблинка и Аушвиц.

Филмот е снимен во тешки времиња - само три години по завршувањето на војната, кога тоталитарниот комунистички режим доаѓа на власт во поствоена Чехословачка. Снимен на локации во Прага и во логорот Терезин, овој филм е еден од последните крици на културната слобода што постоела во тоа време.


„Далечен пат“ е мелодраматична приказна за мешаниот брак помеѓу двајца млади доктори од иста болница, Еврејката Хана Кауфманова и нејзиниот ариевски колега Тоник. Тие се венчаваат тајно, наспроти сите антисемитски закони, во време кога почнува транспортацијата на Евреите во логорите.

Филмот трае 108 минути.

Ретроспектива на чешкиот филм

„Светот нам ни припаѓа“ (Svet patri nam), 5 мај (вторник), 20ч.

И покрај тоа што Чехословачка е проголтана од деструктивната сила на нацистичкиот режим во 1939 година, сепак нејзината филмска индустрија останува силна и плодна. Преку „Светот нам ни припаѓа“, режисерот се обидува да пронајде хумор во заземањето на Судетската област од страна на Хитлер. Главниот јунак во филмов е нечесниот сопственик на еден музеј на восочни фигури кој, потпомогнат од двајца новинари, ќе се обиде на комичен начин да профитира од падот на владата...


Филмот е во режија на Мартин Фрич и трае 96 минути.

„Југозападно од Сонора“ (The Appaloosa), 2 и 3 мај (сабота и недела), 20ч.

Мет Флечер е ловец на бафала кој е постојано малтретиран и понижуван од главниот на една разбојничка банда. Кога разбојникот Медина ќе му го украде коњот, Мет тргнува да ги израмни сметките, но ја сретнува девојката на Медина, Трини, и се` се менува. По бруталните пресметки помеѓу него и Медина, Мет мора да се одлучи или за Трини или за својот сакан коњ.


Филмот е во режија на Сидни Флури и трае 98 минути.
 
Кинотека. Design by Wpthemedesigner. Converted To Blogger Template By Anshul Tested by Blogger Templates.