Во периодот од 11 до 13 септември, во просториите на Кинотеката на Македонија ќе се одржат низа работилници во рамките на проектот „Балкан експрес“ во кој се вклучени организации активни на полето на филмското творештво во Словенија, Италија, Австрија, Србија и Македонија (односно, филмската продукција Петра Пан и Кинотеката на Македонија).
Проектот се реализира преку истражувачка работа, собирање интервјуа и изработување фотографии, како и со правење на 50-минутен документарен филм за луѓето кои патуваат со воз на линија Минхен-Солун, позната уште и како „Балкан експрес“, но и на другите главни линии во регионот: Љубљана, Загреб, Сараево, Белград, Скопје, Софија, Истанбул.
Целта на проектот е да се согледаат границите, слободата на движењето, транзицијата, комуникацијата и споделувањето на културната различност, како и создавањето на евро-балканската мрежа, која функционира и преку границите. Преку оваа соработка ќе се акумулира архивски материјал за Балканот, за поновата историја и перспективата на младите, што несомнено ќе им биде од корист на студентите и идните истражувачи.
Работилницата е отворена за учесници од Македонија и сите заинтересирани можат слободно да се информираат дополнително во Кинотеката на Македонија.
Во работилниците ќе бидат вклучени млади филмски ентузијасти, со и без искуство, ќе биде организирана јавна проекција, како и конференција за печатот (14 септември, понеделник, 11 часот) на која ќе бидат претставени делата изработени во работилниците.
0 comments:
Post a Comment