Нови депоа на Кинотеката на Р. Македонија
На 4 септември (петок) во 12.00 часот Кинотеката на Македонија свечено ќе ги пушти во употреба новите депоа за чување на националниот фонд на аудиовизуелни добра кои се изградени во сутеренот на административниот дел на Кинотеката на ул. Никола Русински бр. 1, во Карпош 3.
Реализацијата на овој проект е прва фаза од капиталниот проект на Владата на РМ и Министерството за култура за Обнова и ревитализација на Хавзи-пашините конаци. Имајќи ја предвид комплексноста и огромното значење на проектот за Обнова и ревитализација на Хавзи-пашините конаци, неговата реализација е поделена во неколку фази.
Со пуштањето во употреба на новите депоа за чување на националниот фонд на аудиовизуелни добра, кои се изградени во сутеренот на административниот дел на Кинотеката, е завршена првата фаза во која националната филмска продукција ќе добие адекватен простор за чување и фондот ќе биде префрлен од Хавзи-пашините конаци во новите депоа. Во тек е и реализацијата на втората фаза, односно веќе е распишан Конкурс за избор на идејно архитектонско-урбанистичко решение за Обнова и ревитализација на Хавзи-пашините конаци.
Со новите депоа за чување на аудиовизуелни добра, Кинотеката за првпат во своето 35-годишно постоење се стекнува со оптимални услови за чување на националната продукција, со депоа изработени според сите градежно-технички стандарди и според стандардите за чување филмови, препорачани од светската асоцијација на филмски архиви - ФИАФ. Со тоа Македонската кинотека се вбројува во малкуте светски кинотеки кои ги исполнуваат стандардите за чување филмови.
Имајќи предивд дека адекватното чување на филмската лента е еден од основните предуслови во заштитата на аудиовизуелното богатство, ова е огромен чекор во заштитата на истото, со што македонските филмски материјали (кои како што знаеме се едни од најстарите на Балканот и започнуваат со снимањата на браќата Манаки) ќе добијат третман соодветен на значењето кое го имаат: КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО ОД ОСОБЕНО ЗНАЧЕЊЕ.
Во употреба ќе бидат пуштени 5 разладни комори наменети за чување на националната филмска продукција, негативи и архивски копии, со вкупна површина од 100m² и капацитет од 12 000 филмски кутии. Со оваа зафатнина на просторот за депонирање, претпоставуваме дека Кинотеката ќе биде обезбедена со простор за чување на соодветните материјали за наредните 30 години. Условите кои ги обезбедува системот за чување се: температура 4-12 ºC и 40-50% влажност во просториите кои двапати во денот добиваат дотур на свеж воздух. Целиот систем е компјутерски регулиран.
Со подршка на Министерството за култура, Кинотеката се стекна и со три депоа со режим од 17-20 ºC и 50-60% влажност, наменети за чување музејски експонати (25 m²), видео материјали (25 m²) и пишувана и фотографска документација (85 m²). И овие депоа се поврзани во системот за компјутерски надзор и регулација.
Покрај просториите за чување на филмски артефакти (депоа), Кинотеката ќе добие и работни простории: лабораторија за чистење филмови и фото-лабораторија на црно бел процес, пикерај (техничко одделение за отстранување на физичките недостатоци на филмската лента), две простории - филмска монтажа за 35мм и 16мм филмови, електронска монтажа за преглед и обработка на филмовите снимени на елетронски начин (видео и дигитал), како и простории во кои ќе биде сместен филмскиот каталог (податоците за националната филмска продукција) и базата на податоци.
Целокупниот систем на чување е обезбеден со противпожарен и видео надзор.
Депоата свечено ќе ги пушти во употреба министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска, во присуство на гости од пошироката културна и општествена јавност како и претставници на кинотеки од странство, односно од Југословенската кинотека, Романската кинотека, Бугарската кинотека, Словенечката кинотека, Албанската кинотека, Чешката кинотека, Хрватската кинотека, Грчката кинотека итн. По свеченоста, ќе биде отворена изложбата „Движење“, чиј автор е Роберт Јанкулоски, а ќе бидат прикажани и ексклузивни архивски материјали од филмскиот архив на Кинотеката, програма составена од најзначајните филмски материјали кои ги поседува Кинотеката на Македонија: Снимките на браќата Манаки и Македонија во слики на Арсениј Јовков во пијано придружба на Дарко Мариновски.
Вечерта, со почеток во 20.00 (бесплатен влез) ќе биде прикажана селекција на македонски филмови од почетокот на македонското организирано филмско производство, односно МАКЕДОНСКИ ФИЛМСКИ ПРЕГЛЕДИ (1947 - 1951) кои се реставрирани од страна на вработени во кинотеката:
1. ФИЛМСКИ ПРЕГЛЕД БР. 2
(6 мин., 1947 год.)
Редактор: Јово Камберски
- Битола и Штип, Фестивалите на македонските народни песни и игри
Сниматели: Трајче Попов, Мишо Стојановиќ
2. ФИЛМСКИ ПРЕГЛЕД БР. 9
(15 мин., 1949 год.)
Редактор: Јово Камберски
- Припреми на сеидба на памук
- Свињогојството во градското стопанство Острво
- Железничкиот сообраќај во Скопје
- Задругарите во Опатија
- Републикански турнир на ваљци
Сниматели: Кочо Недков, Нико Буклевски, К. Ангелов, Бранко Михајловски, Љубе Петковски
3. ФИЛМСКИ ПРЕГЛЕД БР. 11
(17 мин., 1949 год.)
Редактор: Јово Камберски
- Прослава на 1-ви Мај во Скопје
Сниматели: Трајче Попов, Киро Билбиловски, Кочо Недков, Бранко Михајловски, Љубе Петковски
4. ФИЛМСКИ ПРЕГЛЕД БР. 18
(13 мин., 1950)
Редактор: Јово Камберски
- Хидроцентралата Зрновци
- Работна победа на младинците од ложилницата - Скопје
- Тетово, во земјоделскиот техникум
- Скопје, Градски куклен театар
Сниматели: Бранко Михајловски, Тихомир Божиновски
5. ФИЛМСКИ ПРЕГЛЕД БР. 25
(11мин., 1951 год.)
- Народна техника, вонармиска воена вежба
- Здравна акција по селата
- Најмладите во игра и забава
Сниматели: Кочо Недков, Љубе Петковски, А. Ивановски
0 comments:
Post a Comment