Во 19. век Јапонија е феудално општество. Главниот лик во филмов е самурајот и вдовец Сејбеј Игучи кој живее во Унасака, провинција на Јамагата. Преку ден работи во складиштето на началникот на локалната полиција, а ноќе рачно изработува кафези за да оствари приход од 50 коку (што е еднакво на „количеството на ориз потребно за да се прехрани еден човек годишно“).
Сејбеј сам се грижи за своите ќерки, петгодишната Ито и десетгодишната Кајано, како и за својата сенилна мајка; тој има мал имот и долг од 20 коку поради скапиот закоп на жена си која починала од туберкулоза и не може да си дозволи друга жена. Меѓу колегите од складиштето кои го исмеваат неговиот обичен живот, е познат како „Самурај на самракот“. Од својот другар од деството Мичиноџо Инума, дознава дека неговата сестра Томое Инума, се развела од насилниот сопруг Тојотароу Коуда. Сејбеј се сретнува со Томое во која бил заљубен уште како дете, но таа потекнува од семејство со 400 коку и токму поради оваа класна разлика тој не верува дека нивната љубов е возможна. Кога Коуда ќе го предизвика Инума на дуел, Сејбеј се согласува да го замени другарот и да ги покаже своите мечувачки способности.
Во 2004 година филмов, кој е инаку режиран две години претходно од страна на Јоџи Јамада, добива номинација за Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје. Во 2003 година пак, Јапонската академија му ги доделува признанијата за најдобра машка и женска главна улога, најдобар филм и сценарио, најдобра женска споредна улога кои се само дел од досега освоените 37 награди.
Филмот трае 129 минути.

0 comments:
Post a Comment