Блогот Кинотека е неофицијално огледало на филмската програма на Кинотеката на Македонија и, понекогаш, на некои други филмски настани.

Хај-фај, 19.12.2008 во 20 ч. - Кинотека

„Хај-фај“ е македонски филм од 1987 година во режија на Владимир Блажевски а според сценарио на Горан Стефановски.



Преку фрагмент од животот на Борис и неговиот син Матеј, филмот зборува за судирот на генерациите, за создадениот јаз поради идеолошката обоеност која едниот ја има, а другиот не ја поседува или, пак, кај него се манифестира на друг начин, и низ поинаквото однесување во умеењето или неумеењето да се помине животот достојно за едно човечко битие... Политичкиот затвореник Борис, по неколкуте години минати во затвор, се враќа дома. Во станот во кој по разводот со жената живее сам, вселен е неговиот син Матеј. Синот е веќе возрасен човек кој се обидува да заработи и да се афирмира како музичар. Во станот е сместено импровизирано тонско студио. Начинот на кој живее Матеј, неговата врска со девојката Мира, луѓето со кои тој контактира не му се допаѓаат на Борис. Тој смета дека е тоа бесмислен живот, без планови и идеали.

За ваквата трансформација на синот тој ја обвинува поранешната сопруга која е успешна во професионалната кариера, но затоа нема авторитет пред синот и единственото што може да го направи е да ја обезбедува неговата материјална егзистенција. Уште еден неочекуван пораз го погодува Борис. Жената со која сака да го помине преостанатиот дел од животот, умира. Според него, сега единственото што може да го направи - е да го „врати“ синот на вистинскиот пат и да му покаже дека човек треба достојно да го минува времето што му е дадено. Борис се обидува да воспостави вистински релации во односите со синот, но не е умешен и тоа не му успева. Временската бариера во заедничкото живеење не се надминува лесно.

(Никулец на мк.Википедија.)

Истрел, 18.12.2008 г. во 20ч [Кинотека]

„Истрел“ е македонски филм од 1972 година во режија на Бранко Гапо а напишан од Димитар Солев.


Младоста, чија храброст секогаш е без предрасуди, и во Скопје за време на бугарската окупација во Втората светска војна, сакајќи ја слободата за својот народ, се решава на низа акции, меѓу кои најголема е - атентатот врз бугарскиот полициски началник Емануел Мачков. По пристигнувањето на Емануел во началството, тој на своите агенти им наредува да обрнат големо внимание на младите од Дебар маало, Пајко маало и Чаир. Во меѓувреме, заради безбедно поминување на партизанскиот одред во близината на Скопје, во градот треба да се организираат низа помали акции кои би го свртеле вниманието на полицијата врз себе. Така другарите Дано, Доне, Игор и Боро преземаат акција на аеродромот, при што ги палат авионите. Како реакција, полицијата врши рација, собира само млади луѓе кои се изложуваат на големи мачења.

Филмот трае 98 минути.

(Никулец на мк.Википедија)

Ангели на отпад, 17.12.2008 во 20ч. [Кинотека]

„Ангели на отпад“ е македонски филм од 1995 година во режија на Димитрие Османли а по сценарио на Томислав Османли.



Дејството на филмот „Ангели на отпад“ се случува во времето на пропаѓањето на некогаш актуелните општествени политички системи, на начинот на размислување, однесување, препорачливите норми... Падот на некогашните вредности во кој било домен на живеењето има своја рефлексија и во она што се нарекува стандард на секојдневното живеење, па затоа личностите во филмот се луѓе на маргините на материјалната егзистенција што во исто време не значи и дефинитивен пад на личното достоинство. Тоа се луѓе кои едноставно не умеат и не можат поради објктивни причини да се снајдат во едно „меѓувреме“.

Филмот трае 124 минути.

(Никулец на мк.Википедија)

Рај сега, 18 декември 2008 г. во 18 ч. во Кино Милениум

„Рај сега" е холаднски филм од 2006 година. Режисер и сценарист е Хану Аби-Асад, а главните улоги ги играат Лубна Азабал, Хамза Абу-Аиасш, Каис Нашиф и др.


„Рај сега" е приказна за двајца Палестинци, другари од детство кои се регрутирани да извршат бомбашки напад во Израел. Филмот се фокусира на нивните последни денови пред акцијата. Кога тие се задржани на израелската граница и одделени од нивните секунданти, млада девојка го открива нивниот план и ги тера да размислат повторно за нивната акција. Оваа облагородена психолошка драма со брилијантни изведби на младите актери никого не остава рамнодушен. Филмот поставува многу важни прашања и носи тотално нова, необична перспектива на темата од вестите.

Филмот трае 97 минути.

„Душка“, 17 декември 2008 година во 20:30 ч. [Милениум]

„Душка“ е холандски филм од 2007 година. Режисер на филмот е Јос Стелинг (Jos Stelling). Улогите ги играат Силвија Хокс (Sylvia Hoeks), Сергеј Маковетски (Sergei Makovetsky) и Џин Бервотс (Gene Bervoets).



Честопати се случува кога сте на пропатување да сретнете непознати луѓе, да им ја дадете вашата визит карта и да им кажете “... доколку си во околина, обавезно да навратиш“. Но што ако некој туѓинец ја сфати вашата покана здраво за готово и одненадеж тој стои пред вашата врата. Боб, Холанѓанец, во неговите 40ти, на еден филмски фестивал во Русија ја дал неговата визит карта на еден русин (Душка) надевајќи се дека никогаш нема да го види повторно. Но еден ден Душка навистина застанува пред вратата на Боб. Што сега? Боб го прима Душка внатре, но по некое време сфаќа дека тој нема намера да го напушти неговиот дом. Млада девојка која работи на благајна во кино е инспирација на Боб.

Јад, 16.12.2008 во 20ч. [Кинотека]

„Јад“ е македонски филм од 1975 година режиран и напишан од македонскиот режисер Кирил Ценевски.


Крај на XI-от век. Охрид, Византија. Силен духовен отпор на словенското население кон византиската власт и христијанската догма, искажан преку ересот на богомилското движење и автентичната самобитност на народот. Прогони, анатеми, убиства, чуми, несреќи... вител во кој ја следиме судбината на семејството на Аврам, како вековен симбол на човековото опстојување на балканските крстопати.

Филмот трае 119 минути.

(Никулец на мк.Википедија)

Холандски филмови на 16 декември 2008 г.

„Дуња и Деси во Мароко“, 18 ч. Кино Милениум
„Дуња и Деси во Мароко“ е холандски филм од 2008 година. Режисер е Дана Нехустан, А улогите ги играат Маријам Хасуни, Ева ван де Вијдевен, Кристина ван Стрален и др. Филмот е награден на повеќе фестивали, вклучувајќи го и тој во Сараево.


„Дуња и Деси во Мароко“ е драма за пријателство со полно срце помеѓу две најдобри другарки кои од различни причини патуваат за Мароко. Но, Мароко не е Амстердам и тие се соочуваат со најразлични хумористични и конфронтирачки ситуации со локалците, кои ги тераат да донесат важни одлуки за одредени работи во животот. Приказната поставува на многу шармантен начин прашања за модерниот свет, за младата генерација и нивната борба за наоѓање на место во општеството. Филмот е базиран на ТВ серии.

Филмот трае 96 мин.



„Скин“, 20:30 ч. Кино Милениум
„Скин“  е холандски филм од 2008 год. Ханро Смитсман (Hanro Smitsman) се јавува како режисер и сценарист. Улогите се на Џон Бујсман, Хус Дам, Роберт де Хог и др.



„Скин“ е семејна драма за еден холандски тинејџер Френки, еврејско момче кое станува следбеник на хулиганите со избричени глави. Таткото Симон, кој го преживеал Аушвиц, не успева да пронајде соодветен начин за да се справи со неговата траума ниту со неговата фамилија. Симон е интровертна личност и со тоа ја држи својата фамилија под тензија. Кога мајката умира од рак, оттуѓениот 17 годишен син се обидува да ги компензира неговите фрустрации и болка дружејќи се со другарите, пушејќи џоинт и одејќи во потрага по девојки. Моќна драма за парадоксот на младо и нормално момче од Ротердам кој станува хулиган со избричена глава.

Филмот трае 85 мин.

Мирно лето, 15.декември 2008 г. во 20ч [Кинотека]

„Мирно лето“ е македонски филм од 1961 година во режија на Димитрие Османли а по сценарио на белградската публицистка Фрида Филиповиќ. Снимен е во црно-бела техника.



Младиот научен работник Заре Мисевски и неговата сопруга Мира, костимограф во театар, живеат во изнајмена соба како потстанари, постојано изложени на вознемирувања и љубопитност на соседите. Во вакви околности, на Заре му се доделени клучевите на Етнографскиот музеј во Охрид, заради негово средување, што за семејството Мисевски значи бегство во оаза на мир и тишина, за време на трите летни месеци, колку што треба да престојуваат во Охрид. Сакајќи својата радост да ја споделат со пријателите, Заре и Мира, секој за себе, раскажуваат за добиената „премија“. Лето е, Заре и Мира се веќе во Охрид, во музејската зграда. Заре работи на својот проект, а Мира слика и се труди да не му пречи во работата. Но, проблемите почнуваат кога еден ден, на гости им доаѓа колешката на Мира, Дара Љубина, разочарана од неславниот крај на последната љубовна врска. Револтот на Заре сè уште не е стивнат, а во нивниот привремен дом доаѓа Нестор Гиевски, некогашен факултетски професор на Заре, кој патувајќи кон Атина, наминал кај нив на одмор. На новонастанатата ситуација Заре и Мира бргу се привикнуваат, но не за долго. Братот на Мира, со своето друштво, дошол на гости кај сестрата и зетот. Инвазијата на музејот продолжува. Во дворот на музејот стигнуваат стрикото и стрината на Заре и семејството Поп-Коцеви, кои имајќи проблеми со сместувањето, на покана на стрико Тале, дошле во музејот. Ситуацијата во куќата веќе не може да се контролира, владее општ метеж.

Филмот трае 99 минути.

(Никулец на мк.Википедија)

Холандски филмови на 15 декември 2008 г. во кино Милениум

Пушење и друг криминал во 18 часот.

Холаднски филм од 2008 година. Трае 54 минути.
Ова е комичен црн филм на режисерот Метју ван ден Берк. Последната ноќ на која е дозволено пушње во јавни објекти во Холандија. Сѐ додека опасни криминалци шетаат слободни по градот, лицемерен психо-терапевт и мистериозна жена се обидуваат да ги стават своите раце врз наследството на еден човек кој умира. Барменот очајува дека иднината на неговиот бизнис е црна, поради новиот закон за забрането пушење.

Злато, 20:30 часот, кино Милениум

Возбудлив документарец за холандски женски хокеј тим чие мото е: Да се победи е многу поважно отколку да се учествува!! На 8 октомври 2006 година холандската женска хокеј репрезентација конечно го освои првото место на светското првенство во хокеј за жени, после цели 16 години. За време на десетте напорни недели на подготовка пред и за време на првенството следени се тренинзите, конверзациите и натпреварите на играчите и тренерот Марк Ламерс.
Филмот трае 105 минути.

Џими Розенберг, 22 часот, кино Милениум

Џими Розенберг беше чудо од човек. Како момче со големи и изненадувачки очи, учествуваше во ТВ програмата каде објаснува дека неговата баба го учела како да свири гитара и вели: “свирењето гитара е нешто што едноставно ми доаѓа од внатре “. На возраст од 26 години Џими се бори против зависност од хероин.

Холандски филмови на 14 декември 2008 г.

„Различност“, 18 ч. кино Милениум
„Различност“ е холандски филм од 2007 година. Режисер и сценарист е Мијке де Јонг. Главните улоги ги играат: Елзи де Брау (Elsie de Brauw), Џенифер Јаго (Jennifer Jago), Стијн Комен (Stijn Koomen), Марсел Мустерс (Marcel Musters) и др.


По разводот на неговите родител седумнаесетгодишниот Ајзак живее сам со мајка му. Интровертното дете го минува своето време во полирање на неговиот самурајски меч, во слушање музика и спиење во становите на непознати луѓе кога тие не се дома. Неговите родители, Роз и Мартин, се среќаваат редовно за да ја одржат врската помеѓу себе. Кога мајка му ќе ги искаже своите грижи за Ајзак, се чини дека Мартин нема речиси никаков интерес за добробитта на неговиот син.

Режисерката на филмот објаснува дека нејзината цел била да направи филм во кој дијалогот ќе ја искажува празнината на зборовите и најважните информации ќе бидат пренесени на невербален начин. Несомнено, таа успеала да ја постигне својата цел со „Различност“.

Филмот трае 80 минути




„Волфсберген“ 19 ч. кино Фросина

Волфсберген е холандско-белгиски филм од 2007 година. Драма, во режија и сценарио на Нанук Леополд (Nanouk Leopold), а со улоги на Тамар ван ден Доп (Tamar van den Dop), Федја ван Хут (Fedja van Huêt), Карина Смулдерс (Karina Smulders), Јан Деклер (Jan Decleir) и други.



Волфсберген е филм што раскажува приказа за луѓето од едно семејство кои ја изгубиле способноста да бидат заедно. Тоа е каледиоскоспки портрет на четири генерации од една фамилија, каде меѓусобните односи стануваат неподносливи.

Филмот трае 95 минути.
 
Кинотека. Design by Wpthemedesigner. Converted To Blogger Template By Anshul Tested by Blogger Templates.