Со вечерашната проекција на филмот „Шарл, жив или мртов“, Кинотеката на Македонија го започнува филмскиот циклус посветен на творештвото на големиот швајцарски режисер Алан Танер. Преку проекции на 7 играни филмови* ќе ја согледаме развојната линија на овој режисер во период од неговите први 20 години творење.
За збогатување на филмската програма, во галеријата на Кинотека на Македонија ќе биде поставена и изложбата „Швајцарски дизајн во Холивуд“, која беше поставена на овогодинешното издание на фестивалот „Браќа Манаки“.
Проектот е поддржан од страна на Швајцарската амбасада во Македонија, Про хелветија, Свис филмс и Македонскиот центар за фотографија.
Алан Танер - кратка биографија
Алан Танер е роден во Женева во 1929 година. На 23 години, по студиите по економија, влегол во трговската морнарица, а компанијата „Вест ,Африка Лајн“ го стационира во Џенова. По ова мошне поучно искуство на море, накратко се вратил во Швајцарија, па заминал за Лондон, каде што живеел од 1955 до 1958 година. Токму тука тој се вљубил во филмот, често посетувајќи ја кинотеката и дружејќи се со филмските критичари и припадниците на британското движење на „Слободен филм“, како Линдзи Андерсон и Карел Реиш. Со нив го споделил интересот за критичката и политичката димензија на филмот, инспириран главно од Бертолд Брехт.
Во 1957 година во Лондон го направил својот прв филм, заедно со пријателот Клод Горета. Овој краток 16-милиметарски филм, под наслов „Убаво време“ (Nice time) се однесува на ноќниот живот во квартот Пикадили. Во 1960 година, Танер засекогаш се враќа во Швајцарија, каде што е ангажиран да направи повеќе документарни филмови за Швајцарската телевизија. Од 1965 до 1968 година, тој снимил филмови на најразновидни теми, меѓу кои и „Доктор Б, доктор на село“ (Docteur B., Médicin de campagne, 1968 год.) за секојдневниот живот на еден доктор во швајцарската провинција, како и „Градот Чандигар“ (Une ville Chandigarh, 1966 год.) за работата на Ле Корбизје во Индија.
По 1968 година Танер работи како независен режисер и е вброен во т.н. „Група 5“ заедно со уште четворица швајцарски филмски творци: Клод Горета, Мишел Суте, Жан-Луи Ро и Жан-Жак Лагранж. Оттогаш снимил дваесетина долгометражни играни филмови, од кои последниот во 2004 година.
*филмовите се со англиски и македонски превод
0 comments:
Post a Comment