Блогот Кинотека е неофицијално огледало на филмската програма на Кинотеката на Македонија и, понекогаш, на некои други филмски настани.

„Метрополис“, 27.10.2011 (четврток), 20.00 часот, во МОБ

Проекции: 27.10.2011 (четврток), 20.00 часот


Денови на заштитa на aудио-визуелно богатство

Проекција на „Метрополис“ во Мaкедонска опера и балет со придружба на Македонска филхармонија

Музиката ја изведува Македонската филхармонија според оригиналните партитури на Готфрид Хуперц.
Диригент: Хелмут Имиг (Helmut Imig)
Цена на влезници: 300, 400 и 600 денари (може да се купат во Македонска филхармонија и Македонска кинотека)


„Метрополис“
(Меtropolis)
1927, 145 мин, црно-бел, 35мм
игран филм, Германија

Режија: Фриц Ланг (Fritz Lang);
Сценарио: Теа Фон Харбур (Thea von Harbou), Фриц Ланг;
Главни улоги: Бриџит Хелм, Алфред Абел, Густав Фролих (Brigitte Helm, Alfred Abel, Gustav Fröhlich).

„Метрополис“ е еден од најзначајните филмови во светската историја на филмот. Создаден е во 1927 година за време на подемот на нацизмот и иако бил замислен како воздигнување и прослава на надчовекот, сепак филмот апелира кон заедништво и помирување на класите (и верите и нациите). Тоа не одговарало на нацистичката идеологија и затоа по премиерата филмот доаѓа под рацете на цензорите кои го кратат и премонтираат филмот за потребите на идеологијата. Несогласувајќи се со нацистичката фил(м)озофија, Фриц Ланг се сели во Холивуд, а Теа фон Харбур (неговата сопруга и сценарист на „Метрополис“) (о)станува еден од најголемите поддржувачи на нацизмот.

80 години, „Метрополис“ е во топ 10 на сите листи на најважни светски филмови, без притоа некој да го има видено оригиналното дело на Фриц Ланг, затоа што после кратењето на филмот не останува ниедна оригинална копија. Правени се повеќе обиди да се врати филмот во неговото оригинално времетраење, но безуспешно. Во 2009 година во Аргентина е откриена 16 мм копија со полна должина (со потекло од приватна колекција). Како потврда на целосното времетраење на филмот се користат (помеѓу другото) и оригиналните музички партитури на Готфрид Хуперц. Спојувајќи ја оваа копија со претходните дигитално реставрирани материјали на свеченото отворање на Берлинскиот филмски фестивал во 2010 година е прикажан филмот со музичка изведба на оригиналните партитури на Готфрид Хуперц од страна на Берлинската филхармонија.

„Метрополис“ во Македонија ќе биде прикажан на 27 октромври, во големата сала на Македонска опера и балет, со изведба на Македонската филхармонија, со филхармониски оркестар од 100 изведувачи и диригент гостин од Германија... Проекцијата ќе трае 145 минути.


Повеќе информации за филмот од Њујорк тајмс: 
http://www.nytimes.com/2010/05/05/movies/05metropolis.html

2 comments:

Развигор said...

Како што пишав на Пинг.мк, проекцијава-концерт беше прекрасно доживување, кога ќе можам ќе објавам блог пост за тоа, а еве и едно фото.

Кинотека said...

Филип, се согласуваме со тебе. Целиот настан беше прекрасно доживување и се надеваме ќе има слични и во иднина! Ти благодариме за постот и за фотографијата. Поздрав

 
Кинотека. Design by Wpthemedesigner. Converted To Blogger Template By Anshul Tested by Blogger Templates.