Блогот Кинотека е неофицијално огледало на филмската програма на Кинотеката на Македонија и, понекогаш, на некои други филмски настани.

„Вие, живите“, 7 декември (понеделник), 20 часот

„Вие, живите“ е шведска црна комедија од 2007 година, напишана и режирана од Рој Андерсон. Раскажувајќи, меѓу другото, за една дебела жена, па за еден намќорест психијатар, за една девојка со горчливо љубовно искуство зад себе, за еден дрводелец, за еден деловен советник и за една учителка во основно школо и нејзиниот сопруг кој продава теписи, филмот ја истражува „величенственоста на постоењето“. „Вие, живите“ е филм за човештвото, за големината на едноставноста, за радоста и тагата, за самодовербата и немирот, за желбата да се сака и да се биде сакан.




„Вие, живите“/ Du Levande/ You, the Living
2007 година/ 90 минути

Режија: Рој Андерсон
Улоги: Елизабет Хиландер, Џесика Лундберг, Блорн Енглунд

Недела на шведскиот филм - од утре!

„Несоница“, 5 декември (сабота), 20 часот

Испратен за да го реши убиството на една тинејџерка во едно гратче на Алјаска, полицискиот детектив случајно го погодува својот партнер додека го брка убиецот. Наместо да ја признае вината, детективот неочекувано добива алиби, но ваквото „решение“, придружено од несоницата и халуцинациите, само му ја отежнува работата. Во приказната се појавува и амбициозната локална детективка која води малку поинаква истрага за смртта на неговиот партнер....



„Несоница“/ Insomnia
САД/ 2002 година/ 118 минути

Режија: Кристофер Нолан
Сценарио: Николај Форбениус
Актери: Ал Пачино, Робин Вилијамс, Хилари Свонк, Оливер Земан

„Адаптација“, 4 декември (петок), 20 часот

На Чарли Кофман не му оди од рака адаптацијата на „Крадецот на орхидеи“ од Сузан Орлеан, особено поради тоа што не постои очигледен заплет (во суштина тоа е само книга за орхидеи). Во исто време се носи со средовечната криза во која запаѓа, а која станува уште потешка поради присуството на брат му Доналд, кој е помалку талентиран, ама повесел од него, и сонува дека ќе спечали пари како сценарист. Во филмот се појавува и Сузан Орлеан, како и Џон Ларош, вљубеник во орхидеи, кого таа ќе го интервјуира за книгата; подоцна, се заљубува во него. Сите овие приказни се испреплетуваат и водат до неочекуван крај.

За својата споредна улога во филмов, Крис Купер има добиено Оскар. Филмот бил номиниран за Оскар и во категориите за најдобра женска главна улога, најдобра споредна женска улога и најдобро сценарио.




„Адаптација“/ Adaptation
САД/ 2002 година. 114 минути

Режија: Спајк Џонз
Сценарио: Чарли Кофман
Улоги: Николас Кејџ, Тилда Свинтон, Мерил Стрип, Крис Купер

Портрет на Ацо Алексов + проекција на документарен филм на Томи Алексов, 4 декември (петок), 13 часот

Во Кинотеката на Македонија ќе се промовира документарниот филм за доајенот на македонската театарска, филмска и ТВ-режија, Ацо Алексов (1932-2005). Филмот е во продукција на Македонската Телевизија, а сценарист и режисер е Томислав Алексов. Тонската обработка е на Филип Поповски, светлото на Аце Велевски, камерата на Александар Касапинов, а монтажата на Едип Салих. Портретот изобилува со архивски материјали кои сведочат за едно време-простор, поткрепени со мислења и ставови на околу педесетина блиски соработници што имале можност да работат со Алексов.


Ацо Алексов, режисер, е роден на 3 ноември 1932 година во Струмица. Починал во Скопје на 13 јануари 2005 година. Дипломира на Театарската академија во Белград, во класата на проф. Јосип Кулунџиќ (1958). Работел во Народниот театар Струмица (1950-1959), во „Вардар филм“(1960-1961) и во Радио телевизија Скопје / Македонска радио-телевизија (1961-2000). Селективна театографија: „Заточениците од Алтона“ (1965); „6 лица го бараат авторот“ (1974); „Свет“ (1976); „Вообразен болен“ (1977); „Магаре“ (1979); „Ханка“ (1981); „И борец и победник“ (1982); „Зла жена“ (1984); „Чесел“ (1985); „Белото Циганче“ (1989); „Женидба“ (1994); „Диви“ (2001); „Кумановска свадба“ (2001). Награди: Награда на град Струмица „8-ми Ноември“ (1957), Награда за надобра режија на МТФ „Војдан Чернодрински“ за претставата „Сите мои синови“ (1971), награда за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“ во 2004 година. Познатиот телевизиски, радио и театарски режисер Ацо Алексов е творец, кој сиот свој живот го посвети на создавањето театар и други, особено телевизиски жанрови. Тој е еден од основачите на Македонската радио-телевизија. Во неговиот обемен телевизиски опус можат да се издвојат следните дела: „Светлини и бои“ (1997); „Бог да ги убие шпионите“ (1993); „Словенски орфеј“ (1992); „Сили во воздухот“ (1992); „Премиера“ (1983); „Парадоксот на Диоген“ (1975); „Шути и рогати“ (1973); „Грдиот нарцис“ (1968); „Крчмите“ (1966). Серии: „Волшебното самарче“, „Првите цутови“, „Белото циганче“, „Умни глави“ и др. Како актер настапувал во многу претстави во Струмичкиот народен театар, а глумел и во филмовите: „Капетан Леши“ (1960); „Мис Стон“ (1958); „Малиот човек“ (1957); „Последниот колосек“ (1956). Бил асистент на режија на играниот филм „Мирно лето“.

Конференција „Современиот танц како фактор за транформација на општеството“, 2-5 декември, универзитет „ЕСРА“

 
Кинотека. Design by Wpthemedesigner. Converted To Blogger Template By Anshul Tested by Blogger Templates.