Блогот Кинотека е неофицијално огледало на филмската програма на Кинотеката на Македонија и, понекогаш, на некои други филмски настани.

Портрет на Ацо Алексов + проекција на документарен филм на Томи Алексов, 4 декември (петок), 13 часот

Во Кинотеката на Македонија ќе се промовира документарниот филм за доајенот на македонската театарска, филмска и ТВ-режија, Ацо Алексов (1932-2005). Филмот е во продукција на Македонската Телевизија, а сценарист и режисер е Томислав Алексов. Тонската обработка е на Филип Поповски, светлото на Аце Велевски, камерата на Александар Касапинов, а монтажата на Едип Салих. Портретот изобилува со архивски материјали кои сведочат за едно време-простор, поткрепени со мислења и ставови на околу педесетина блиски соработници што имале можност да работат со Алексов.


Ацо Алексов, режисер, е роден на 3 ноември 1932 година во Струмица. Починал во Скопје на 13 јануари 2005 година. Дипломира на Театарската академија во Белград, во класата на проф. Јосип Кулунџиќ (1958). Работел во Народниот театар Струмица (1950-1959), во „Вардар филм“(1960-1961) и во Радио телевизија Скопје / Македонска радио-телевизија (1961-2000). Селективна театографија: „Заточениците од Алтона“ (1965); „6 лица го бараат авторот“ (1974); „Свет“ (1976); „Вообразен болен“ (1977); „Магаре“ (1979); „Ханка“ (1981); „И борец и победник“ (1982); „Зла жена“ (1984); „Чесел“ (1985); „Белото Циганче“ (1989); „Женидба“ (1994); „Диви“ (2001); „Кумановска свадба“ (2001). Награди: Награда на град Струмица „8-ми Ноември“ (1957), Награда за надобра режија на МТФ „Војдан Чернодрински“ за претставата „Сите мои синови“ (1971), награда за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“ во 2004 година. Познатиот телевизиски, радио и театарски режисер Ацо Алексов е творец, кој сиот свој живот го посвети на создавањето театар и други, особено телевизиски жанрови. Тој е еден од основачите на Македонската радио-телевизија. Во неговиот обемен телевизиски опус можат да се издвојат следните дела: „Светлини и бои“ (1997); „Бог да ги убие шпионите“ (1993); „Словенски орфеј“ (1992); „Сили во воздухот“ (1992); „Премиера“ (1983); „Парадоксот на Диоген“ (1975); „Шути и рогати“ (1973); „Грдиот нарцис“ (1968); „Крчмите“ (1966). Серии: „Волшебното самарче“, „Првите цутови“, „Белото циганче“, „Умни глави“ и др. Како актер настапувал во многу претстави во Струмичкиот народен театар, а глумел и во филмовите: „Капетан Леши“ (1960); „Мис Стон“ (1958); „Малиот човек“ (1957); „Последниот колосек“ (1956). Бил асистент на режија на играниот филм „Мирно лето“.

0 comments:

 
Кинотека. Design by Wpthemedesigner. Converted To Blogger Template By Anshul Tested by Blogger Templates.