Блогот Кинотека е неофицијално огледало на филмската програма на Кинотеката на Македонија и, понекогаш, на некои други филмски настани.

СФФ: Програма за 26 април (недела)

Кратки филмови, 15 ч.

„Човек за една нота“ (One note man), 14`
Турција, 2008 год.

„Замокот Розалин 1937“ (Chateau Rosaline 1937), 13`
САД, 2008 год.

„4 километри“ (4 Kilometers), 22`
Израел/ Обединето Кралство, 2008 год.

„Фолирант“ (Faker), 5`
Обединето Кралство, 2008 год.

„Домашен филм“ (Home movie), 6`
Обединето кралство, 2008 год.

„Утеха“
(Milbe), 6`
Германија, 2008 год.

„Чекање“
(Waiting), 14`
Турција, 2008 год.

„Пренесувачи“
(Transferants), 15`
САД/Обединето Кралство, 2008 год.


„Пророк, злато и Трансилванци“
(The Prophet, Gold and the Transylvanians), 17ч.

На крајот на 19-от век, двајца браќа, селани од Трансилванија, одат во Америка во потрага по третиот брат Јон, кој ја напуштил Романија пред 10 години. Стигнуваат во Кедар Сити, за нив непознат град во Јута, и постојано запаѓаат во најнеочекувани неволи. Сeкаде гледаат слика од брат им и мислат дека станал „голем човек“. Се поврзуваат со пророкот Волтроп, главниот на Мормонската секта, и му помагаат во донесувањето на правдата во селата, но подоцна дознаваат дека тој е диктатор кој ги експлоатира рударите, а нивниот брат Јон е тој кој, всушност, храбро му се спротивствува.
Филмот е во режија на Дан Пица и трае 112 минути.

„Се враќам веднаш“
(Back Soon), 19ч.

Ана Халгримдотир живее во Рејкјавик со двата сина и се занимава со продавање дрога. Решава да го продаде бизнисот - односно, мобилниот телефон со сите контакти - и да се исели од земјата. Договорот е да се сретне со еден дилер за 48 часа на пристаништето. Во меѓувреме, Ана влегува во низа семејни авантури, а нејзината кујна се полни со муштерии и пријатели кои се забавуваат додека ја чекаат да се врати и да им продаде марихуана. „Се враќам веднаш“ е живописен и, според зборовите на Анспах, „отворен филм, филм кој може да го издржи лудилото и хуморот на секој од ликовите“.

Филмот е во режија Солвег Анспах и трае 92 минути.

„Созерцание“
(Wingless), 21ч.

Приказната на Јосиф е за надминувањето на опасностите од злото и гревовите со кои се соочуваме од самото раѓање, па оттука, Јосифовиот лик и карактер го отсликуваат обичниот човек кој не се истакнува со ништо особено и исклучително, човек кој го живее животот користејќи ги можностите што му се отвораат. Работи како сервисер на ваги и од непознати причини, неговите перспективи и верувања му стануваат недостижни. Јосиф се враќа од Шпанија каде го напуштила сопругата Мартина и покрај неговите обиди да ја спаси врската. Таму останува подолго од планираното, па ја губи и работата. Очаен, тажен и потиштен одлучува да го продаде станот и да живее во својата мала работилница.

Филмот е снимен во режија на Иво Трајков и претставува македонско-чешка копродукција.
Трае 90 минути.



„Меѓународна завера“ (The International), 23ч.

Филмот изобилува со акција, сомнеж и прекрасни сцени. Се базира врз приказната за вистинската банка која финансирала терористички активности во кои биле вклучени безброј владини службеници од целиот свет. Агент на Интерпол е решен да ја собори корумпираната банка. Банката која со децении го злоупотребуваше светскиот финансиски пазар беше The Bank of Credit and Commerce International, па оттука насловот е адаптирање на името на вистинската банка. Луис Селинџер е човекот кој со години ги гонел главните на банката, обидувајќи се да ја докаже нивната замешаност во низа незаконски активности. Ова е филмот кој го отвори овогодинешниот Берлински фестивал.

Филмот е во режија на Том Тајквер и трае 118 минути.

СФФ: Програма за 25 април (сабота)

Студентска компетиција, 15ч. 

„Лимонада Џо“ (Lemonade Joe), 17ч.

Станува збор за чехословачки култен филм од 1964 година, режиран од Олдрих Липски, кој претставува сатира на американскиот вестерн. Пример е за надреализам во чешката кинематографија. „Лимонада Џо“ е пиштолџија кој живее чист живот и пие само колалока лимонада во град полн со каубои кои пијат виски. Филмов претставува музичка комедија и пародија на старите неми филмови, добро обоен, со многу сцени со тепање, вклучувајќи го и задолжителното кршење гелендери. „Тоа што е добро за колалока, е добро е за законот“ вели еден од ликовите и на крајот на филмот и насилниците и хероите учат како да работат заедно во име на бизнисот, односно компанијата колалока, чие име е, очигледно, изведено од кока-кола.
 Филмот трае 87 минути.   

„Марадона“ (Maradona), 19ч.

Познатиот режисер Емир Кустирица ја претставува невообичаената историја и повторното возникнување на Диего Марадона: спортски херој, народен миленик, паднат идол и инспирација за милиони. Уживајќи невиден пристап до Марадона лично, како и до бројните архивски записи, Кустурица ја води публиката на интимна тура од настани и луѓе кои му се блиски на овој фудбалски бог. Од Аргентина до Неапол, од Куба до Барселона, од семејството и другарите и детството до соиграчите и светските лидери (Фидел Кастро). „Марадона“ ја следи неверојатната приказна на големиот човек, од најскромните почетоци до светската доминација, од спектакуларниот и трагичен пад до повторното раѓање.
Филмот трае 90 минути.

„Моите ноќи од боровинка“ (My blueberry nights), 21ч.


Со својот прв филм на англиски јазик, познатиот режисер Вонг Кар Ваи не губи ни малку од заводливиот сјај и магија, заслужни за популарноста на неговите кинески филмови. „Моите ноќи од боровинка“ ја следи судбината на Елизабет која, откако ја напушта дечкото, тргнува на пат низ Америка со цел да се пронајде себеси и да закрепне. Застанува во Мемфис каде почнува да работи во две смени - дење во ресторан, ноќе во бар - и гледа како завршува една друга љубовна врска.


Филмот трае 93 минути.

„Градот 24“ (24 City), 23ч.

Во овој филм Јиа Жанг Ке ја комбинира дарбата за документарец и фикција за да создаде една длабоко потресна рефлексија на минатото. Со цел да го претстави рапидниот напредок во Кина, тој го сместува дејствието во градот Ченгду каде се урива една државна фирма за да се изгради огромен станбен комплекс. Чувствителноста на режисерот кон работниците кои само што не ја изгубиле работата, е она што го возвишува „Градот 24“, дозволувајќи им, притоа, да ја раскажат својата приказна на многу грациозен начин.


Филмот трае 107 минути.

СФФ: Програма за 24 април (петок)

„Нели ти реков“ (Didn), 17ч.

 По пропаста на Илинденското востание, повеќе разбиени чети продолжуваат да и` даваат отпор на турската власт. Опасноста која им се заканува од турските потери е многу помала од онаа од врховистичките чети кои, потпомогнати од кодошите, без борба ги убиваат македонските борци за слобода. Александар Турунџе доаѓа во селото каде треба да се сретне со својата дружина. Молкот во селото го предупредува на претпазливост. Овој период е, всушност, време на разврска, но и време на беспоштедна пресметка не само со непријателот, туку и со сопствените убедувања и идеали. Во дадената драмска ситуација, востаниците од „Нели ти реков“ несомнено ги преживуваат утописките мигови на својот живот, но не и на својата револуционерна акција која, на некој начин, е нивната единствена, но сигурна врска со вечноста.

Филмот е снимен во 1984 година во режија на Стево Црвенковски и трае 97 минути.   


„Потрага“ (Chaser), 19ч.

Девојките на макрото, поранешен детектив, исчезнуваат една по една, па тој се обидува да го фати серискиот убиец. Извонредно режиран, филмот е шокантно мрачен трилер и е еден од најгледаните во киносалите во Јужна Кореја.


Режијата е на На Хонг-Џин. Филмот трае 123 минути.



„Валцер со Башир“ (Waltz wit Bashir), 21ч.

 На минатогодишниот Кански фестивал, специфичниот анимиран документарец на Ари Фолман „Валцер со Башир“ допре една табу тема која никогаш порано не била третирана во израелските медиуми. Филмската хроника го анализира очигледното соучество на Израелците во масакрот од јуни 1982 година, кога либански фалангисти масакрираа околу 3000 палестински цивили во Сабра и Шатила, двата кампа за бегалци во Бејрут. Овој неверојатен филм го екранизира личното искуство на режисерот и претставува прв анимиран документарец. Контроверзната тема и замената на реалните интервјуа со анимирани секвенци го прават овој филм совршен.


 Филмот е во режија на Јони Гудман и трае 87 минути. 


„Сукијаки вестерн Џанго“ (Sukiyaki Western Django), 23ч.

Два клана се борат за легендарното богатство закопано во планините. Еден ден, во градот пристигнува  мистериозен странец, емотивно оштетен пиштолџија со извонредни пукачки способности. Двата клана се обидуваат да го придобијат на своја страна, но тој има други намери. Нечисти игри, предавство, страст и љубов се судруваат и експлодираат во конечна разврска.


Филмот е во режија на Такаши Миике и трае 121 минута.

СФФ: Програма за 23 април (четврток)


„Нафта, бебе и Трансилванци“ (The Oil, the Baby and the Transylvanians), 17ч.

Филмов е третиот дел од доста успешната романска трилогија за тројца трансилваниски браќа, нивните фамилии и пријатели на границата на Америка, на Грејт Плејнс. Грејт Плејнс е огромна прериска и степска област која се протега источно од Карпестите планини во САД и Канада....Дејствието се случува во осумдесеттите години на 19. век. Филмот претставува микс од драма и комедија, а интересен е можеби и поради самите ликови кои тешко се прилагодуваат на американскиот стил на живеење. Најмладиот од браќата, Ромулус, и неговата свршеница Џун очекуваат бебе. Фамилијата ревносно бара да се случи свадбената прослава, и тоа според старите романски обичаи.

Филмот е во режија на Дан Пица и трае 108 минути.



„Три мајмуни“ (Three monkeys), 19ч.

Турскот режисер Нури Билге Цејлан пренесува една неверојатна психолошка драма за невидената динамика во едно нефункционално семејство. Користејќи ја фразата „три мајмуни“ како наслов и морално сидро, новиот филм на Цејлон е составен од уредно потресни тајни - зла кои не се видени, чуени или прозборени, но кои оставаат последици врз животот на ликовите. Сервет предизвикува сообраќајна несреќа и бега од местото. Го наговара својот возач Ејуп да ја преземе одговорноста за што ќе му плати голема сума пари откако ќе излезе од затвор. Но почетната измама само ги влошува работите.


Филмот трае 109 минути.


„Румба“ (Rumba), 21ч.

Заедничка им е страста за латиноамериканските танци. За време на викендите учествуваат на регионални натпревари во танц. Куќата им е полна со трофеи. Една вечер, по величествената победа на натпревар, излетуваат од патот за да не удрат еден човек кој сака да се самоубие, и наместо тоа, удираат во ѕид. Фиона ја губи ногата, а Дом помнењето. Нивната трагична судбина е претставена преку низа комични ситуации. Паѓаат, застануваат на нозе, пак паѓаат, пак се исправаат и пак паѓаат. „Румба“ е филм за оптимизмот и хуморот со кои може да се надмине несреќата и една од најдобрите црни комедии од минатата година.



Филмот е во режија на Доминик Абел, Фиона Гордон и Бруно Роми.
Трае 77 минути. 


„Родена со насмевка“ (Happy-go-lucky), 23ч.

Триесетгодишната учителка Попи е секогаш насмеана и секојдневно се шегува со луѓето околу неа за да им го разубави денот. Веќе десет години живее со својата најдобра пријателка Зои чиј суров поглед на светот го урамнотежува нејзиното ведро расположение. Еден ден решава дека е време да научи да вози и се запишува во школата „Аксел“.


Филмот е во режија на Мајк Ли и трае 118 минути.

Скопски филмски фестивал во Кинотека

На 22 април (среда) во 20 часот, со филмот „Вики Кристина Барселона“ во Кинотеката на РМ започнува дванаесеттиот Скопски филмски фестивал.


„Вики Кристина Барселона“ (Vicky Cristina Barcelona)

Вики е слободоумна, а Кристина е претпазлива. Заминуваат на одмор во Барселона. Една вечер им приоѓа познатиот заводлив сликар Хуан Антонио. Вики треба набрзо да се мажи, па не ни помислува на сексуална авантура. За разлика од неа, Кристина веднаш „паѓа“ на шармот на Хуан Антонио, а работите стануваат уште посочни кога во игра ќе влезе и неговата поранешна жена, страсната Марија Елена.

Филмот е во режија на Вуди Ален и трае 96 минути.

„Страдание“, (The Passion of The Christ), 21 април (вторник), 20ч.

„Страдание“ ги слика последните 24 часа од животот на Исус Христос. Филмот започнува во Гетсиманската градина каде Исус оди да се моли по Тајната вечера. Предаден од Јуда, тој е уапсен и изведен на суд пред Понтиј Пилат кој не гледа вина во него, но под притисокот на масата луѓе, сепак го осудува на смрт. На патот кон ридот Голгота, на грбот Исус носи тежок дрвен крст, а на главата венец од трње. Плукан и исмеван од толпата, тој си спомнува за своето детство со мајка си и за своите апостоли. Најпосле, го распнуваат и тој испушта душа. Три дена подоцна, воскреснува.

 
Филмот е во режија на Мел Гибсон и трае 120 минути.
 
Кинотека. Design by Wpthemedesigner. Converted To Blogger Template By Anshul Tested by Blogger Templates.