Блогот Кинотека е неофицијално огледало на филмската програма на Кинотеката на Македонија и, понекогаш, на некои други филмски настани.

Предавања

Неделата на италијанскиот филм, која е резултат на успешната соработка со Италијанската амбасада во Скопје, е збогатена со предавањата на Џанлука Шанамео*.

Првото предавање ќе му биде посветено на животот и делото на Ферзан Озпетек и ќе се одржи на 30 март (понеделник) во 16:30 часот, а второто, кое ќе се одржи следниот ден (31 март) во 18 часот, ќе биде за италијанскиот документарен филм. Предавањата ќе се одржат на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ - Скопје, во просториите на Мултимедијалниот центар.


* Џанлука Шанамео ги завршува своите студии на Универзитетот „Дамс“ во Болоња и во 2005 година дипломира на отсекот за продукција на документарни филмови. Како експерт за нискобуџетни филмови, тој има режирано неколку докуметарни филмови со социјална тематика, а автор е на монографијата „Кај Индите од Југот: Ернесто де Мартино и етнографскиот филм“, издадена од Паломар во 2006 година, како и на низа есеи посветени на италијанскиот документарен филм. Работи како видео-истражувач во студискиот центар Телос ди Оази 2 во Трани, а од 2007 година е и доцент на Универзитетот „Базиликата“, каде предава за методите и техниките на фотографија и документарната кинематографија.

„Свето срце“ (Cuore sacro), 29 март (недела), 20ч.

Филмот ја раскажува приказната за Италијанката Ирене која е зависник од работа. Двете нејзини најдобри пријателки ќе се самоубијат. По ваквата загуба, таа ги преиспитува своите приоритети,и доживува емотивна и духовна преобразба.


Филмот трае 120 минути.

„Прозорецот отспротива“ (La finestra di fronte), 28 март (сабота), 20ч.


Џована е книговодител во фабрика за пакување пилиња. Мажена е за човек кој има несигурна работа. Отпрвин, вниманието и` го привлекува еден млад дечко кој живее во блокот карши неа, а потоа и се заљубува во него. Односот меѓу нив се продлабочува како што таа дознава работи за него од еден старец кој одеднаш се појавува во нивните животи. Старецот, кој е опседнат со спомените од долгата есен во 1943 година, го има изгубено сеќавањето и наоѓа утеха во Џована. 
Филмот трае 106 минути.

„Неговиот таен живот“ (Le fate ignoranti), 27 март (петок), 20ч.

Мажот на Антонија загинува во сообраќајна несреќа. Таа е во депресија се` додека не открие дека маж и` ја изневерувал со друг маж. Љубопитноста се разгорува и таа оди кај неговиот љубовник Мичеле, кој инаку живее во огромен стан со хомосексуалци и травестити, меѓу кои има и еден турски имигрант и една проститутка. Антонија се колеба дали да им ја открие својата поврзаност со починатиот....



Во 2001 година, филмов добил номинација за Златна мечка на Берлинскиот филмски фестивал.

Сценариото и режијата се на Ферзан Озпетек. Филмот трае 106 минути.

Прозорец кон италијанскиот филм - Ретроспектива на Ферзан Озпетек (26-30 март)

Ферзан Озпетек е турски сценарист и режисер кој моментално живее и работи во Италија.
„Амам“ е неговиот прв филм.


„Амам“ (Hamam), 26 март (четврток), 20ч.

Франческо и Марта се сопружници кои имаат мала дизајнерска фирма во Рим. По смртта на тетка си Ана, Франческо заминува за Истанбул за да се погрижи околу продажбата на амамот (една од малкуте преостанати турски бањи) кој го наследил. Го запознава семејството што го води амамот, еден член особено, го бендисува турскиот амбиент, па решава да не го продаде амамот...





Сценариото е на Ферзан Озпетек.
Филмот трае 94 минути.

„Село мое мало“ (Vesnicko má stredisková), 25 март (среда), 20ч.


Комедија за жителите на едно гратче. Со години доминантниот Павек го трпи Отик, „градската будала“, делејќи ги со него оброците и предното седиште од нивниот валкан камион. Ама Отик е мила будала, па независно колку очајува, Павек секојпат се предомислува и не наоѓа друг партнер. „Станлио и Олио“ се главните ликови во комедијава која го слика хуморот, присутен во изобилие во секојдневниот живот. Градскиот доктор редовно си ја уништува колата зашто му се допаѓа глетката, романтичен тинејџер ќе се затреска во професорката на сестра си, а домаќинката и нејзиниот швалер само што не ги „фатил“ сомничавиот, импулсивен сопруг.


Филмот е во режија на Јиржи Менцел. Во 1987 година бил номиниран за Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.
Трае 98 минути.

„Строго контролирани возови“ (Ostre sledované vlaky), 24 март (вторник), 20ч.


Комична драма за млад човек кој  работи на мала железничка станица за време на Втората светска војна. Чехословачка е окупирана, а Милош Хрма копнее да ја изгуби невиноста. Во услови на војна, тој запознава еден нов свет на фрустрација, еротика и авантура, сексуално се просветлува и се пронаоѓа себеси. Учествува во заговорот да се минира еден германски воз со муниција, но планот „паѓа“ во вода, а тој е ставен пред свршен чин. 


Филмот е во режија на големиот чешки актер и режисер Јиржи Менцел и трае 93 минути.
Во 1968 година, филмот доби Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.
 
Кинотека. Design by Wpthemedesigner. Converted To Blogger Template By Anshul Tested by Blogger Templates.