Блогот Кинотека е неофицијално огледало на филмската програма на Кинотеката на Македонија и, понекогаш, на некои други филмски настани.

Спуштена завеса во Кинотека (и на блогов)...

Според известувањето од Кинотеката на Македонија, со последната проекција на „Лето со Моника“ денес во 20 часот, завршува програмата на Кинотеката за сезоната 2007/2008. Официјалната програма најверојатно ќе продолжи на есен.


Фотографија од Giara.

Сепак, според информациите можни се и филмски изненадувања во Кинотека преку летово. До тогаш блогов зема заслужен одмор

Лето со Моника, 14 јуни 2008 г. во 20ч [Кинотека]

Поради големиот интерес за филмовите на Бергман, Кинотеката ќе го репризира „Лето со Моника“ на 14. јуни во 20ч.

Астер фест во Скопје, 13 и 14 јуни 2008 во 22 ч. [Мала станица]

Од време на време објавуваме по некоја интересна кино информација која не е за Кинотека, па така и овој пат.

Вечерва и утревечер во Мала станица ќе има проекции на 15 кратки филмови од изборот на тукушто завршениот Астер фест во Струмица.

Со почеток во 22 часот денес (петок) ќе се прикажуваат:

Руру - јапонски филм;
Тонечко село - унгарски филм (добитник на Стар златен проектор);
Компас - албанско-грчки филм (добитник на награда во Сиена);
Во барот - британско-романски филм;
Сеќавања - холандски филм;
Хуманитарна помош - романски филм;
Van Amore - Италјански филм.


А во сабота во исто време ќе бидат прикажани:


Хотел затворени - американски филм (номиниран за два Оскари);
Баладите на мостот - ирански филм (награден во Сеул);
Агњешка 2039 - полско-британски филм (наградуван за специјални ефекти);
Добар ден за пливање - романски филм (добитник на Златна мечка);
Нивните околности - американски анимиран филм;
Замолчи пеперутко - германски филм;
Должност - романски филм (награден во Техеран);
Заталкан патник - германски филм.

Островот Бергман, 13 јуни 2008 г. во 20ч. [Кинотека]

Документарниот филм од 2006 година „Островот Бергман“ е селекција од 3 документарни филмови кои авторката Мари Нирерод, во форма на интервју, ги има направено за Ингмар Бергман, познатиот шведски филмски и театарски автор.


сликата е превземена од тука

Снимен на островот (прибежиште) каде Бергман има поминато значаен дел од својот живот, документарниот филм нуди директен и искрен приказ на различните аспекти од животот на Бергман. Помеѓу другото, тој зборува за лични теми како неговото детство, врските со Биби Андерсон и Лив Улман, како и личната поврзаност со островот на кој живее. Интервјуата покриваат и дел од неговото филмско творештво, како „Седмиот печат“, „Персона“, „Фани и Александар“, „Диви јагоди“, „Девствениот извор“.

Филмот трае 83 минути.

(Никулец на мк.Википедија)

Сите негови жени, 12. јуни 2008 г. во 20ч. [Кинотека]

„Сите негови жени“ е филмска комедија од 1964 година режирана од Ингмар Берман. Заедно со „Насмевки на летната ноќ“ е еден од неколкуте комедии на Бергман а прв филм снимен во боја. Главните улоги ги толкуваат: Биби Андерсон, Хариет Андерсон, Ева Далбек и Јарл Куле.



Корнелиус, познат музички критичар, ја подготвува биографијата на познатиот виолончелист Феликс. За да ги заокружи своите белешки, заминува во летната резиденција на Феликс за да ги направи последните консултации со големиот музичар. Но жените кои го опкружуваат Феликс не му дозволуваат контакт. Корнелиус е незадоволен, но иронијата на судбината му овозможува да започне биографија на новиот млад виолончелист. Феликс умира на самиот концерт, а неговото место го завзема надежниот млад музичар.

Филмот трае 80 минути.

(Никулец на мк.Википедија)

На прагот на животот, 11 јуни 2008 г. во 20ч. [Кинотека]

„На прагот на животот“, познат и како „Толку блиску до животот“ (во Обединетото Кралство), е шведски филм од 1958 година во режија на Ингмар Бергман. Главните улоги ги толкуваат Ева Далбек, Ингрид Тулин и Биби Андерсон.


сликата е превземена од тука

Филмот претставува суптилен есеј за мајчинството. Сесилија, Стина и Хједрис се сместени во иста болничка соба во акушерска клиника. Сесилија има спонтан абортус а Стина раѓа мртвороденче. Хједрис носи вонбрачно дете кое сака да го побаци, но по наговор на своите цимерки од болничката соба, се одлучува да го задржи бебето.

Филмот трае 87 минути.

(Никулец на мк.Википедија)

Сонот на жената, 10. јуни 2008г. во 20ч. [Кинотека]

„Сонот на жената“ е шведски филм од 1955 режиран од Ингмар Бергман. Главните улоги ги толкуваат Ева Далбек (Eva Dahlbeck) и Хариет Андерсон (Harriet Andersson). Во Англија, овој филм е прикажуван со наслов „Пат кон есента“ (Jurney into Autumn).



Сузан е сопственичка на манекенска агенција во Стокхолм. Дорис, нејзината најпопуларна манекенка, има расправија со нејзиниот вереник Пале, пред да замине со Сузан заедно во Гетеборг на модна фото-сесија.

Филмот трае 87 минути.

(Никулец на мк.Википедија)

Крици и шепотења, 9 јуни 2008 г. во 20 ч. [Кинотека]

„Крици и шепотења“ (шведски: Viskningar och rop) е шведски филм од 1973 година за две сестри кои бдеат над смртната постела на нивната трета сестра, растргнати помеѓу стравот и надежта дека ќе умре. Филмот е напишан и режиран од Ингмар Бергман. Во филмот настапуваат Хариет Андерсон, Кари Силван, Ингрид Тулин и Лив Улман.



За разлика од повеќето филмови на Бергман, „Крици и шепотења“ користи заситени бои, а посебно гримизна. За работата на овој филм, Свен Никвист добил Оскар за Најдобра кинематографија, а филмот бил номиниран и за Најдобра костимографија, Најдобра Режија, Најдобро оригинално сценарио. Во тоа време невообичаено, филмот бил и номиниран за Најдобар филм, во конкуренција со филмови од англиско говорно подрачје.

Филмот трае 106 минути.

(Никулец на мк.Википедија)

Жените чекаат, 8 јуни 2008 г. во 20ч. [Кинотека]

„Жените чекаат“ (шведски: Kvinnors väntan) е филм од 1952 режиран од Ингмар Бергман.

Филмот е дел од раното творештво на режисерот и е во основа драма за врски на млади луѓе раскажана од група на жени. Накратко, филмот претставува есеј за женската интима.



Ракел, Марта и Карин минуваат извесно време во викендичка чекајќи мажите да се вратат од работа. Времето го кратат разговарајќи за искуствата стекнати во бракот, но и надвор од него.

Филмот трае 103 минути.

(Никулец на мк.Википедија)
 
Кинотека. Design by Wpthemedesigner. Converted To Blogger Template By Anshul Tested by Blogger Templates.