Блогот Кинотека е неофицијално огледало на филмската програма на Кинотеката на Македонија и, понекогаш, на некои други филмски настани.

„Духот на татко ми“

Проекција: 26 ноември (петок), 12 часот

Денеска на пладне во Кинотеката на Македонија во Скопје ќе биде одржана специјална проекција на документарниот филм „Духот на татко ми“, самостоен проект на режисерот Горан Тренчовски. Овој 39-минутен филм настана по тригодишно авторско истражување по повод одбележувањето на 70-годишнината од раѓањето на бардот на македонското актерство Ристо Шишков. Во оваа возбудлива филмска приказна беседат дваесетина современици на Шишков и негови најблиски, роднини и соработници. Низ бројни филмски инсерти се испреплетени и моменти од животот и делото на овој актерски великан.




Ристо Шишков е роден во Мрсна, Егејска Македонија на 23 март 1940. Како дете е доселен во Струмица, каде го поминува младешкиот период и ги прави своите први драмски обиди, се до заминувањето на студии во Белград. По мошне плодната, но за жал, прерано завршена уметничка кариера, како носител на репертоарот во драмата при МНТ, а и како впечатлив толкувач на разновидни филмски улоги, починал на 17 јуни 1986 во Скопје. Процесот и ембаргата на кои беше подложен тој, до ден-денес останаа нерасветлени.


Филмот премиерно беше прикажан на 23 март (роденденот на Шишков) во Струмица, а успешен прием имаше и во Битола, Дојран и Гевгелија. По повод оваа скопска премиера, промотивна беседа ќе има проф. д-р Јасна Котевска.

0 comments:

 
Кинотека. Design by Wpthemedesigner. Converted To Blogger Template By Anshul Tested by Blogger Templates.