Блогот Кинотека е неофицијално огледало на филмската програма на Кинотеката на Македонија и, понекогаш, на некои други филмски настани.

„Светлини во квечерината“, 7 мај (петок), 17 часот

Главниот лик во филмов работи како ноќен чувар во Хелсинки. Нема пријатели, но сака да отпочне свој бизнис, иако ни тоа не му оди баш најдобро. Одвреме-навреме муабети со жената која работи во блиската сендвичарница. Одеднаш, една млада софистицирана блондинка пројавува интерес за него. Тој мисли дека таа му е девојка, па ја чести секојпат кога се излезени. А таа е, всушност, сплеткана со еден измамник кој планира кражба на накит. Заљубениов им е само жртвено јаре. Ќе му дојде ли паметот?


Laitakaupungin Valot
Финска/ 2006 година
35мм/ 78`

Режија: Аки Каурисмаки

„Кон север“, 6 мај (четврток), 21 часот

Капетанот на шкотскиот рибарски брод ПД-100 работел повеќе од триесет години за да го откупи бродот, но е без скршен денар и најверојатно ќе го изгуби. Во белгиското пристаниште Остенд, син му Шон се согласува да шверцува кинески имигранти до Шкотска за големи пари со кои ќе можат да го задржат бродот. Рајли е член на екипажот и им помага во спроведувањето на планот: ги кријат илегалците во магацинот под собата на водачот на палубата. Кинеските тинејџери се кријат и кај моторите, крадат храна и оставаат пари. Шон решава да остане подолго во Северното море за да лови и да ги избегне можните проблеми со царината. Сето тоа време, имигрантите живеат на бродот во никакви услови. Кога еден од Кинезите ќе умре, очајот и малодушноста на скриените патници доведуваат до трагедија....


True North
ГБ, Германија, Ирска/ 2006 година
35мм/ 96`

Режија: Стив Хадсон

„Дволичност“, 6 мај (четврток), 19 часот

Матијас е фотограф и семеен човек. Жена му Клер треба наскоро да се породи со второто дете. Матијас е израснат во сиропиталиште и верува дека мајка му починала кога тој имал шест години. Еден ден ќе открие дека мајка му, всушност, починала неодамна и дека има брат близнак по име Томас. Томас одеднаш влегува во приказната, а Матијас се бори со надојдените сеќавања...


Trouble
Белгија/ 2005 година
35мм/ 98`

Режисер: Хари Клевен

„Батори“, 5 мај (среда), 21 часот

Филмот е заснован врз приказната за Елизабет Батори, една од најпознатите грофици во времето на Кралството Унгарија. Нејзината озлогласеност се должи на легендата дека убила многу млади жени зашто мислела дека капењето во нивната крв ќе и` ја зачува младоста. Кралските власти спровеле истрага и ја затвориле во замокот, каде и умрела три години подоцна.


Bathory
Словачка, Унгарија/ 2008 година
ДВД/ 141`

Режија: Јурај Јакубишко

„Дете на војната“, 5 мај (среда), 19 часот

Филмот ја раскажува сагата за младата мајка Сенада (Лабина Митевска), која во годините по војната во Босна трага по својата ќерка. Нејзината единка Аида била изнесена од Босна и Херцеговина во најлошите години од војната и наводно посвоена во Германија. Сенада им верува на инстинктите и не запира; ќе влезе илегално во Германија и со помош на една социјална работничка ќе ја открие болната вистина: Аида е здрава и жива и среќна во едно германско семејство...


Warchild
Германија, Словенија/ 2006 година
Времетраење: 103`

Режија: Кристијан Вагнер

„Филм“, 5 мај (среда), 17 часот

Еден режисер тргнува на пат за да си го досними филмот. Изморен од расправиите со продуцентот околу последниот филмски проект, тој го позајмува автомобилот од девојката и ги краде парите планирани за продукција. Отпрвин се чини дека точно знае што ќе прави со тие пари, ама планот се менува кога ќе сретне една чудна млада жена и еден ексцентричен автостопер. Одвреме-навреме вистинскиот режисер на филмот (повторно Иво Трајков) ја прекинува приказната на фиктивниот режисер за да дава совети за потенцијалните режисери што седат во публика.


Movie
Чешка, Македонија/ 2007 година
Времетраење: 84`

Режија: Иво Трајков

„Кускус и риба“, 4 мај (вторник), 21 часот

Шеесетгодишниот Беижи работи на пристаниште и еден ден останува без работа. Разведен е и живее со сопственичката на еден хотел и ќерка и` Рим, но и понатаму е многу приврзан за своите деца и поранешната сопруга. Планира да отвори ресторан на еден стар брод со паричниот надоместок, но за тоа потребна му е поддршката и од старото и од новото семејство и од пријателите...


La graine et le mulet
Франција/ 2007 година
35мм/ 151`

Режија Абдел Кешиш

„Љубовта на Астреа и Селадон“, 4 мај (вторник), 19 часот

Филмот претставува современа верзија на делото на Оноре Д`Урфе од 17-от век, кое раскажува за љубовта на младиот овчар Селадон спрема убавата Астреа. Дејствието е сместено во галска Франција во 5-от век. Убедена дека го изневерува, таа бега од него... На патот им претстојат уште низа други пречки што треба да ги надминат за да можат најпосле да уживаат во својата љубов.


Les amours 'Astrée et de Céladon
Франција/ 2007 година
35мм/ 109`

Режија: Ерик Ромер

„Дот.ком“, 4 мај (вторник), 17 часот

Една шпанска мултинационална корпорација го тужи португалското селце Агуас-Атлас зашто одржува веб-сајт насловен исто како еден интернационален бренд на минерална вода. Започнува битката низ судовите и набрзо се претвора во медиумски циркус. Па така, селаните, кои не се ни сигурни дека знаат што е Интернет, се принудени да го бранат својот веб-сајт и честа на селото. (трејлер)


Dot.com
Португалија/ 2007 година
35мм/ 103`

Режија: Луис Галвао Телес

„Јас, Дон Џовани“, 3 мај (понеделник), 20:00 и 22:30

Светот на Моцарт е прекрасно доловен во оваа елегантна и на моменти забавна приказна околу креирањето на една од неговите најдобри опери „Дон Џовани”. Режисерот го преиспитува креативното потекло на делото на Моцарт и се впушта во приказната зад сцената, приказна полна со драма и ексцеси во самата опера. Тука има љубов и секако, љубомора во комбинација со сплетките на Дивите, кралските композитори, верните сопруги и етеричната младост. Во центарот на сижето не е големиот композитор, туку неговиот подзаборавен либретист, кој го користи овој сиров материјал како уметничка инспирација.



Io, Don Giovanni/ I, Don Giovanni
Шпанија/ 2009 година
35мм/ 127`

Режија: Карлос Саура

„Несвесно“, 3 мај (понеделник), 18 часот

Барселона, 1913 година. Алма е најверојатно најмодерната жена во средината во тоа време, а маж и` д-р Леон Пардо е психијатар. Летото заминал за Виена и станал приврзаник на напредните теории за хистеријата и сексуалноста на револуционерниот д-р Фројд. Се` започнува едно попладне кога Алма ќе се врати дома и ќе го најде сопругот во солзи... Пред да ја напушти засекогаш, тој помрморува нешто и истрчува надвор, оставајќи ја Алма сама и пред пораѓање. Салвадор и` е шура на Алма. Поконзервативен е од Леон, а покрај психијатријата, заедничка им е и љубовта кон Алма. Единствената трага што ја имаат за исчезнувањето на Леон е еден ракопис за хистеријата и женската сексуалност, заснован врз четири пациенти.... Следејќи ги сите тие знаци, Алма и Салвадор тргнуваат во истражувачка авантура, каде се испреплетуваат хипнозата, љубовта, опасноста и секоја можна табу тема.


Unconscious
Шпанија/ 2004 година
35мм/ 100`

Режија: Хоаким Ористрел

„Вознесување“, 2 мај (недела), 20 часот

Двајца припадници на советските сили ја напуштаат својата изгладнета дружина и заминуваат до најблиската фарма по храна. Но таму веќе стигнале Германците, па двајцата гладни војници мораат да навлезат подлабоко на окупираната територија. Патувањето ќе ги однесе подлабоко и во лавиринтот од лични стравови и размислувања.


Восхождение
Русија/ 1976 година
ДВД/ 110`

Режија: Лариса Шапетко
Сценарио: Јуриј Клепиков, Лариса Шепитко
Улоги: Борис Плотников, Владимир Гостјохин, Сергеј Јаковлев

„Балада за војникот“, 1 мај (сабота), 20 часот

За време на Втората светска војна, 19-годишниот Алјоша е одликуван со медал за херојство на фронтот. Наместо медал, тој бара неколку слободни денови за да ја посети мајка си и да го поправи кровот од семејната куќа. Во возот накај дома ја сретнува Шура, која оди во посета на тетка си. Неколкуте дена минати во пат раѓаат нова љубов.


Баллада о солдате
Русија/ 1959 година
ДВД/ 89`

Режија: Григориј Чухрај
Сценарио: Валентин Ежов, Григориј Чухрај
Улоги: Владимир Ивашов, Жана Прохоренко, Антонина Максимова
 
Кинотека. Design by Wpthemedesigner. Converted To Blogger Template By Anshul Tested by Blogger Templates.