Блогот Кинотека е неофицијално огледало на филмската програма на Кинотеката на Македонија и, понекогаш, на некои други филмски настани.

Метело, 15 и 16 ноември 2008 во 20 ч. [Кинотека]

Метело е италјански филм од 1970 г., во режија на Мауро Болоњини, снимен според истоимениот роман на Васко Пратолини. Улогите ги играат Масими Рениери, Отавиа Пиколо, Лучија Босе, Пино Колици, Луиџи Диберти (Massimo Renieri; Ottavia Piccolo; Lucia Bose; Pino Colizzi; Luigi Diberti).

Премиерното издание го доживел на 23-от Фестивал во Кан, каде што Отавија Пиколо добила награда за најдобра женска улога во овој филм.



Откако останал сирак, Метело почнал да работи како ѕидар кај еден поранешен работник, кој откако станал инжинер го заборавил своето скромно потекло и им се прилагодил на општоприфатените правила за искористување на работната сила. Метело завршува во затвор поради судир со полицијата пратена да ги отстрани знамињата истакнати на погребот на еден ѕидар-анархист. По излегувањето од затвор се жени со ќерката на починатиот ѕидар, Ерсилија. Во меѓувреме во Фиранца зема замав социјалистичката идеологија; Метело, исто како и многу други, учествува на штрајкот организиран заради покачување на платите. За време на бунтот, кој трае со денови без да постигне некаков резултат, Метело започнува врска со Идина, но Ерсилија се вмешува енергично. Како што очекуваа индустријалците, кај работниците се јавува безнадеж до таа мера што една група работници решава да се врати на работа. Со цел да ги спречат, Метело и другите им се нафрлаат на жандармите дојдени да ги одбранат „крумирите„; еден ѕидар е убиен. Во тој момент стигнува веста дека работниците ја добиле синдикатската битка. Метело одново завршува во затвор, но и ветува на Ерсилија дека нема повеќе да греши.

Филмот трае 107 минути.

ПРЕСУДА, 13 и 14 ноември 2008 во 20 ч. [Кинотека]

„Пресуда" е француски филм од 1974 година, режиран од Андре Кајат.

Андре Леони, чиј татко бил озлогласен питач, е претерано мазен и пазен од мајка си уште од мали нозе. Па сепак, еден ден се наоѓа на суд, пред порота, обвинет за ужасно злосторство: ја силувал и убил младата девојка Ани Шартие, ќерка на еден професор од Лион. И покрај тешките обвиненија според кои тој е виновен, Андре упорно одрекува пред поротниците. Судијата Леген е пред пензија и ова е неговиот последен случај во судот. Убеден дека Андре Леони лаже и дека средината во која израснал е одговорна за неговото злодело, решава да го гони до крај. Мајката на Андре, Тереза, ќе направи се` што е во нејзина моќ за да го спаси.

„Каде има чад, таму има и оган“, 11 и 12 ноември 2008 во 20 ч. [Кинотека]

„Каде има чад, таму има и оган“ е француски филм од 1973 година во режија на Андре Кајат.

Шавињи, на периферијата на Париз. Жозеф Бусар е градоначалник. Неговите соработници, неколку криминалци, се задолжени за „нечистите“ работи. Изборите се ближат. Еден од одговорните за лепење плакати од опозицијата е „случајно“ убиен. Елиминиран е и еден сведок. Докторот Пејрак, човек од левицата кого сите го ценат, решава да влезе во изборната трка како опонент на Бусар. Каква сопка да му се постави на новиот противник? Помошникот на градоначалникот лажира фотографија на која г-ѓа Пејрак развратнички се забавува во резиденцијата на пријателите Лерој. Фотомонтажата не е опфатена со истрагата. Меѓутоа, Пејрак не се дава така лесно. Убиството на фотографот, одговорен за фалсификатот, е прилика за нова сплетка. Овојпат, обвинет и затворен за убиството е токму Пејрак. Ќе успее ли жена му со помош на Олга Лерој да докаже дека е невин? Олга има пријатели во високите кругови, далеку повлијателни од Бусар. Скандалот би можел да го оцрни. Така, Бусар е повикан да се повлече. Пејрак е ослободен, но не сите пријатели се тука за да го пречекаат кога ќе излезе од затвор...

Овој филм е награден со „Сребрена мечка“ (Специјална награда од жирито) на Берлинскиот филмски фестивал, а бил и номиниран за „Златна мечка“.

Филмот трае 120 минути.
 
Кинотека. Design by Wpthemedesigner. Converted To Blogger Template By Anshul Tested by Blogger Templates.